Кампања за итна измена на Кривичниот законик и неговата имплементација

Половина од жените во Македонија биле жртви на интимно-партнерско насилство. Една од седум жени  е жртва на физичко или сексуално насилство, а 60,000 жени биле демнети. Според статистичките податоци од МВР и МТСП, како и според последното истражување на ОБСЕ за „Добросостојба и безбедноста на жените во РСМ“ која беше спроведена во 2019 година, сторители на насилството најчесто се сегашни или поранешни партнери. Дополнително според истото истражување жените жртви на родово базирано и семејно насилство во многу мал процент ги пријавуваат овие инциденти во надлежна полициска станици.

Итните измени на КЗ се потребни и за доуредување на неколку кривични дела и тоа: Силување, Демнење, Психолошко насилство, Сексуално вознемирување, вклучително и сексуално вознемирување во онлајн просторот.  Кривичното дело убиство и препознавањето на фемицидот како една од најтешките форми на насилство врз жените е уште едно кривично дело кое треба да се препознае како посебно кривично дело. Анализата на убиства на жени во Република Македонија , објавена во 2018 година покажа дека висок процент над 60% од убиените жени во нашата Држава се убиени од страна на сегашен или поранешен партнер, брачен или вонбрачен.

Со усогласувањето на Кривичниот Законик со одредбите од Истанбулската Конвенција ќе се даде сеопфатен заштитен правен одговор во случаите со насилство врз жени и девојчиња, односно ќе се предвидат соодветни казни за сторителите.  

Со кампањата која ја започнуваме се обраќаме до надлежните институции и до сите парламентарци во Собранието на РСМ во најкраток рок да ги усвојат предложените измени на Кривичниот законик. Имено, бараме да  се прошири поимникот во КЗ и да се регулира родовото базирано насилство, како и да се препознаат жените и девојчињата како најмногу погодени од родовото базирано насилство.  Бараме да се воведат нови кривични дела и тоа: Психичко насилство, Демнење, Женско генитално осакатување,  Присилна стерилизација, Сексуално вознемирување, и измени на основните елементи на кривичното дело Силување и воведување на Согласноста како основен елемент на кривичното дело.

Оваа активност е во рамките на проектот „Застапување и дијалог на експертско ниво со владата и парламентот за измена на постоечкото законодавство во областа на родово базирано насилство и дискриминација“, кој се спроведува во партнерство со УН Вомен Скопје, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Проектот го имплементираат Центарот за истражување и креирање политики и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

#ИтнаИзменанаКЗ #changingmindstoEVAW


Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости