„И кога жртвата го негира насилството, институциите не смеат да го игнорираат сомнежот“ – Ана Аврамоска Нушкова за Женски Магазин

„Дури и кога жртвата го негира насилството, институциите не смеат да го игнорираат сомнежот. Полицијата и центарот за социјална работа имаат обврска да постапат и да направат првична проценка на ризик, односно да утврдат дали постои опасност по безбедноста на жртвата или на други членови на семејството“ – вели за Женски Магазин Ана Аврамоска Нушкова од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Деновиве повторно бевме сведоци на немил настан кога мајката Ивана и нејзината 6-годишна ќерка Кате го загубија животот, по пад од шестиот кат во зградата во скопски Карпош.

Голем број од јавните личности, психолозите и другите релевантни личности во земјава прстот повторно го свртеа кон институциите, откако голем број соседи, роднини и блиски посочија дека мајката и ќерката со години наназад биле жртви на семејно насилство.

Министерот за внатрешни работи, пак, изјави дека жртвата прво го пријавила насилството, но по разговорот, се повлекла од пријавата.

На сопругот му беше изречен дводневен притвор, но нивниот случај е уште едно потсетување за голготата низ кои поминуваат жртвите на семејно насилство, изгубени во институционалните лавиринти на државата.

Македонија како потписничка на Истанбулската конвенција е земја која се обврзала да ја усогласи легислативата со европските закони и да  овозможи заштита на жртвите од семејно насилство, но се чини дека сè уште сме далеку од тоа да можеме да се пофалиме дека сме доследни и дека до крај ги практикуваме европските закони.

На овие теми разговаравме со Ана Аврамоска Нушкова, правна советничка/проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Таа одговори на повеќе прашања на Женски Магазин поврзани со семејното насилство, Истанбулската конвенција но и за нејзиното имплементирање.

Во продолжение целиот разговор со Ана:

ЖМ: Македонија е потписничка на Истанбулската конвенција и истата е ратификувана од 2018-та година. Дали тоа значи дека ние како земја ги следиме истите закони во однос на семејното насилство и родово базираното насилство како и другите земји во ЕУ?

Република Северна Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција на крајот на 2017 година.

Важно е да се нагласи дека оваа конвенција е инструмент на Советот на Европа и претставува најсеопфатниот меѓународен правен документ за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. 

Со ратификацијата државите преземаат обврска да воспостават систем на превенција, заштита на жртвите, гонење на сторителите и координирани политики.

Во изминатите години Северна Македонија направи значајни чекори во усогласувањето на законодавството со стандардите на Конвенцијата. 

Особено значајно е донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во 2021 година, кој за првпат системски го регулира родово базираното насилство. 

Со овој закон се воспостави и обврска за координирано постапување на институциите надлежни за заштита како што се полицијата, центрите за социјална работа, здравствените и образовните институции, јавните обвинителства и други релевантни субјекти се со цел обезбедување навремена заштита и поддршка за жртвите.

Законот има особено значење бидејќи е директно насочен кон заштита на жените и децата жртви на насилство. 

Тој предвидува координирано постапување на институциите не само во обезбедувањето итна заштита, туку и во превенцијата од идно насилство. 

Дополнително, за првпат во законската рамка е препознаена и потребата од реинтеграција на жените жртви на насилство, преку мерки за подолгорочно домување, повеќекратна парична помош како и за нивно економско зајакнување, пристап до обуки, доусовршување и полесно вклучување на пазарот на трудот. 

Овој сегмент е особено важен бидејќи во пракса многу жени остануваат во насилни односи поради економска зависност и/или поради тоа што немаат обезбедено домување и услови за самостоен живот, што ја покажува и слабоста на системот во справувањето со длабоко вкоренетите патријархални норми и родови улоги.

Паралелно со ова, направени се и измени во Кривичниот законик со кои се зајакнува кривичноправната заштита од различни форми на родово базирано насилство. Препознаени се демнењето и сексуалното вознемирување како нови кривични дела, направени се измени во законската дефиниција на силувањето, а во кривичното дело убиство е воведена и квалификувана форма која го препознава убиството на жена или девојка извршено врз основа на родово заснован мотив.

Сепак, усогласувањето на законите е само првиот чекор. 

Иако правната рамка е значително унапредена, и понатаму постојат предизвици во нејзината доследна примена во пракса, особено во однос на навремено препознавање на ризикот од насилство, ефективната координација меѓу институциите и обезбедувањето доволен број рамномерно географски распределени специјализирани услуги за жртвите. 

Токму затоа примената на Конвенцијата се следи и преку меѓународен механизам за мониторинг, експертската група GREVIO, која редовно ја оценува имплементацијата на обврските од страна на државите како и преку националното координативно тело кое се формира согласно законот.ЖМ: Според законските одредби, семејно насилство или родово базирано насилство можат да пријават и блиските на жртвата, но што се случува кога жртвата го негира насилството, дали тука институциите можат да настапат „по должност“ или пак им се врзани рацете?

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство предвидува дека пријава за насилство може да поднесе не само жртвата, туку и било кое лице кое има сознание за насилството – член на семејството, сосед, пријател, но и институција.

Дури и кога жртвата го негира насилството, институциите не смеат да го игнорираат сомнежот. 

Полицијата и центарот за социјална работа имаат обврска да постапат и да направат првична проценка на ризик, односно да утврдат дали постои опасност по безбедноста на жртвата или на други членови на семејството. 

Доколку се утврди ризик од повторување или ескалација на насилството, можат да се преземат заштитни мерки (итни и привремени). 

На пример по предлог на МВР судот може да изрече итни мерки за заштита, како забрана за приближување или отстранување на сторителот од домот незавично во чија сопственост е недвижноста.

Дополнително, со последните измени на Кривичниот законик направени во јануари оваа година, се направи важна интервенција во постапувањето за кривичното дело телесна повреда од член 130 став 2. 

Со оваа измена се настојува да се надмине честата ситуација во пракса кога постапката запира поради повлекување на предлогот од страна на жртвата, што е особено карактеристично за случаи на семејно насилство.

Во пракса, негирањето на насилството или повлекувањето од постапката од страна на жртвата е честа појава и може да биде резултат на страв, економска зависност, психолошки притисок или желба да се зачува семејството. 

И светските истражувања покажуваат дека жртвите на семејно и родово базирано насилство често се повлекуваат од постапките, што не значи дека насилството не се случило, туку дека постојат силни социјални и економски фактори кои влијаат врз нивната одлука.

Токму затоа е особено важно институциите правилно да ја проценат ситуацијата и ризикот од насилство и да постапуваат врз основа на фактите и проценката на ризик и да ги земат во предвид сите околности, а не исклучиво врз основа на изјавата на жртвата во даден момент.

ЖМ: Што се случува ако насилството го пријавува малолетното дете во бракот кое на возраст од 13-17 години, а мајката го негира насилството? Може ли тука институциите да постапат?

Кога станува збор за деца, важно е да се нагласи дека тие се сметаат за жртви на насилство независно од тоа дали се директно изложени на насилство или сведочат на насилство во семејството. 

Самото присуство на дете во средина каде што постои семејно насилство претставува сериозен ризик за неговиот психолошки и емоционален развој и затоа законодавството предвидува посебни механизми за нивна заштита. 

Кога насилството го пријавува малолетно дете, институциите имаат уште поголема обврска да постапат. 

Според законодавството, секое дете кое е изложено на семејно насилство или сведочи на насилство се смета за жртва и мора да биде заштитено. 

Во вакви случаи центарот за социјална работа е должен веднаш да постапи и да направи проценка на ризик и на безбедноста на тоа дете во семејството. Дури и ако родителот го негира насилството, институциите не смеат да ја прекинат постапката, бидејќи интересот и безбедноста на детето имаат приоритет. 

Кога станува збор за заштита на дете, институциите имаат обврска да преземат мерки и без согласност на родителот доколку проценат дека постои ризик по неговата безбедност и благосостојба. 

Законот предвидува и обврска за сите институции кои доаѓаат во контакт со деца – училиштата, здравствените установи, полицијата и социјалните служби – да пријават сомнеж за насилство и да соработуваат во обезбедување навремена и ефективна заштита на детето.

ЖМ: Постојат СОС линии за заштита од насилството, имате ли некаков податок колку овие линии се користат? Како најчесто жртвите го пријавуваат насилството?

СОС линиите претставуваат важен механизам за прв контакт и поддршка за жртвите на насилство. Во Северна Македонија постојат национални  СОС линии управувани од граѓански организации. 

Според искуството на организациите кои работат со жени жртви на насилство, значителен број жени прво бараат помош токму преку телефонска линија или преку граѓанска организација, бидејќи таму се чувствуваат побезбедно и поверојатно е да добијат доверлива и поддржувачка комуникација. 

Сепак, СОС линиите се само првата точка на контакт во системот на поддршка. Законот и меѓународните стандарди предвидуваат воспоставување на поширока мрежа на специјализирани услуги за жртвите на родово базирано и семејно насилство. 

Во тој контекст особено важни се центрите за згрижување – засолништа, кои обезбедуваат итно и безбедно сместување за жртвите и нивните деца. 

Овие услуги може да бидат краткорочни, наменети за итна заштита, но и подолгорочни, кога е потребно жртвата подолг период да остане во безбедна средина додека се стабилизира нејзината животна ситуација. 

Покрај засолништата, значајна улога имаат и специјализираните советувалишта, каде жртвите треба да добијат сеопфатна поддршка. 

Тоа вклучува иницијална психосоцијална поддршка, подолгорочен психотерапевтски третман, правна помош и советување, а во одредени случаи и поддршка за економско зајакнување, како што е кариерно советување и насочување кон вклучување на пазарот на трудот. 

Овие услуги се особено важни бидејќи овозможуваат жртвите постепено да ја вратат контролата врз сопствениот живот и да изградат услови за независност.

Покрај СОС линиите и специјализираните услуги, насилството најчесто се пријавува и во полиција или во центар за социјална работа. 

Во последните години се забележува постепено зголемување на пријавувањето, што делумно се должи на поголема информираност на жените за нивните права и на поголема јавна видливост на проблемот. 

Сепак, и понатаму се смета дека значителен дел од насилството останува непријавен, особено поради страв од стигма, економска зависност или недоверба во институциите. Токму затоа е важно системот на поддршка да биде достапен, доверлив и сеопфатен, со цел жртвите да имаат безбеден простор каде ќе можат да побараат помош.

ЖМ:  Според „Нордискиот парадокс“ во Нордиските земји каде што се смета дека многу подобро се спроведуваат законите  има многу поголем број на пријавени случаи на насилство отколку во јужните делови на ЕУ? Дали ова се должи на поголемата доверба во институциите во тие земји, или, пак, на поголемата едукација кај жените?

Терминот „Нордиски парадокс“ се користи за да се опише појавата дека во некои од нордиските земји, кои имаат високо ниво на родова еднаквост, родово одговорно буџетирање во нивните политики и програми како и развиени системи за заштита и превенција од насилство, се регистрираат релативно високи бројки на пријавено насилство врз жените. 

На прв поглед ова изгледа контрадикторно, но истражувањата покажуваат дека ваквите податоци не значат нужно дека насилството е поголемо, туку дека е поголема неговата видливост.

Една од причините што често се посочува е поголемата доверба во институциите и поразвиените механизми за заштита на жртвите. 

Во општества каде што жените имаат поголема сигурност дека нивната пријава ќе биде сериозно сфатена и дека ќе добијат соодветна поддршка, тие почесто се охрабруваат да го пријават насилството.

Дополнително, повисокото ниво на јавна свест и едукација за тоа што претставува родово базирано насилство придонесува жените полесно да ги препознаат различните форми на насилство и да одлучат да побараат помош. 

Во такви општества и институциите и јавноста имаат пониска толеранција кон насилството, што исто така влијае повеќе случаи да бидат пријавени.

Затоа, повисоките стапки на пријавување во некои нордиски земји често се толкуваат како показател за поголема доверба во системот и поголема видливост на проблемот, а не нужно како доказ дека насилството е пораспространето. 

За земји како Северна Македонија ниските стапки на пријавување не значат дека насилството е помало, туку дека дел од случаите и понатаму остануваат скриени поради страв, стигма или недоверба во институциите.

Во тој контекст, статистиката за пријавени случаи на насилство често може да се разбере и како показател за довербата во системот. 

Кога довербата во институциите расте, кога постојат достапни услуги за поддршка и кога се водат јавни кампањи за подигнување на свеста, жените почесто се охрабруваат да пријават насилство. 

Затоа во некои случаи зголемувањето на бројот на пријавени случаи може да значи дека проблемот станува повидлив и дека системот почнува поефективно да функционира.

Преземено од zenskimagazin.mk

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Доста е со реакции по трагедијата – Државата мора итно да преземе сеопфатни мерки да ги заштити децата од насилство и да ја гарантира нивната безбедност

Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство апелира за итно разрешување на случaјoт во кој тринаесетгодишно дете е прободено со нож во Скопската

ЈАВЕН ПОВИК за превод и лектура на анализа

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува јавен повик за ангажирање фирма или индивидуални преведувачи/лектори за превод и лектура на анализа на