Физичката дисциплина може да остави психолошки траги кај децата

Родителството знае да биде тешко и стресно, и зависно од околните фактори, родителите не успеваат секогаш да најдат трпение, за да се справат со однесувањето на нивните деца кое понекогаш може да биде предизвикувачко. Но, што се случува кога родителот ќе го одбере физичкото казнување како решение за справување со ситуацијата, и кои се трагите што остануваат врз детето?

Она кое веќе ни е добро познато и утврдено низ голем број истражувања, е дека физичкото казнување е поврзано со зголемена детска агресија, антисоцијално однесување, пониско интелектуално достигнување, послаб квалитет во релацијата родител-дете, но и проблеми со менталното здравје. Пораката која се испраќа на детето преку обид за дисциплина со удирање, или пак со закани за употреба на физичка сила, е всушност како да му се кажува на детето дека е безвредно, бескорисно, несакано, и има важен ефект врз психолошкото здравје на детето и подоцна во неговиот живот. Исто така, влијае врз сликата за себе кое детето ја гради, но и начинот на кој ќе ги гради неговите интимни врски, релациите со пријателите, колегите, и семејството во иднина. Растот и развојот на детето во насилна средина, остава простор да порасне верувајќи дека физичката агресија во одредени ситуации, или како постојан начин на справување во ситуации со кои нема да може да се справи, е во ред. Важно е да знаеме дека од рана возраст, односите со возрасните го обликуваат начинот на кој децата учат да се поврзуваат. Па оттаму, важно е какви пораки се испраќаат на децата со физичкото казнување, или при присуство на децата во насилни сцени врз семејните членови во домот, па и врз домашните миленици.

Но, и покрај истражувањата и постојаното обновување на програмите кои често се и бесплатно достапни, а имаат цел да ги подобрат родителските вештини, сè уште често ја слушаме народната „ќотекот од рајот е излезен“ или „во наше време бевме тепани, па ништо не ни фали“. Веројатно затоа, студија на УНИЦЕФ вели дека иако 2/3 од родителите се свесни за негативните ефекти од насилните начини на дисциплинирање на децата, многу често децата во својот дом се изложени на барем една форма на насилство. Односно студијата ни дава податок дека четири од пет деца во земјава, се соочуваат со насилство од страна на родителите.

Ако на децата од најрана возраст, успееме да им покажеме здрави вештини за справување со животните предизвици, ги научиме на негување на релациите без насилно однесување, резултатот ќе биде видлив на општествено ниво, прво со намалување на бројот на случаи на семејно насилство, а можеме да очекуваме општество со членови кои ќе успеваат да градат здрави релации и граници, во рамки на семејството, на работното место, и во секојдневните контакти.

Важно е да запомниме дека однесувањето на детето може да биде предизвикувачко, но користење физичка сила за да се научи детето да не биде агресивно, или да си ја заврши својата задача, е иронично, но и збунувачки за детето, а физичката сила само помага во одржување на кругот на насилството.

Автор: Давид Тасевски, психолог, семеен и системски советник, оператор на Линијата за родители

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во С. Македонија – Достапни можности, мерки, предизвици и препораки

Дали жените имаат еднакви можности за финансиско осамостојување? Со кои предизвици се соочуваат? Заедно со Здружението за еднакви можности – Мрежа Стела, на 10-ти Октомври

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектна координаторка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: