Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите

Реакција на Платформата за родова еднаквост

Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво,  во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката, која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал.

Високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството. На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот.

И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции.

Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.

Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи:

Доста е со реакции по трагедијата – Државата мора итно да преземе сеопфатни мерки да ги заштити децата од насилство и да ја гарантира нивната безбедност

Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство апелира за итно разрешување на случaјoт во кој тринаесетгодишно дете е прободено со нож во Скопската