Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на државата

Денес Европската Комисија го објави Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија за постигнатиот напредок на Државата и исполнувањето на условите за отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Извештајот го опфаќа периодот од јуни 2020 година до јуни 2021 година и истиот се заснова на информации од различни извори, вклучувајќи придонеси од Владата на Северна Македонија, земјите членки на ЕУ, извештаи на Европскиот парламент и информации од разни меѓународни и невладини организации.

Извештајот ги вклучува и резултатите од компаративните проценки и индекси создадени од други засегнати страни, особено во областа на владеењето на правото. Во самото резиме на Извештојот во делот фундаментални права се констатира дека правната рамка за заштита на фундаменталните права во голема мера е во согласност со европските стандарди, а посебно со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и  функционирањето на Комисијата за заштита од дискриминација. Исто така се констатира дека Министерството за труд и социјална политика инвестира во услуги на заедницата, вклучително и за поддршка на жртвите на родово насилство, а особено важен напредок е постигнат  со усвојувањето на новиот Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

Забележано е подобрување во однос на родовата интеграција и правата на жените, иако жените се меѓу категориите што се најтешко погодени од пандемијата.

Сепак, во самиот Извештај има забелешки за текот на имплементацијата на Инстанбулската Конвенција, односно  се детектирани слабостите и недостатоците на правните регулативи во однос на спречувањето и заштитата на жените жртви на насилство. Имено, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство иако беше усвоен на почетокот на 2021 (29ти јануари), сепак недостасува донесување на повеќе подзаконски акти кои претставуваат основна алатка во имплементацијата законот, а со тоа и на одредбите на Истанбулската Конвенција. Ова особено се однесува на делот на заштитата и реинтеграцијата на жените жртви од насилство.

Понатаму, Министерството за труд и социјална политика треба да ги зајакне капацитетите на засолништата (шелтер) центрите за жртвите на родово базирано и семејно насилство според стандардите на Инстабулската Конвенција, особено во однос на заштита и поддршка на жени со попреченост кои се жртви на родово базирано насилство. Полицијата исто така, се препорачува да ги унапреди капацитетите за проценка на ризикот од насилство врз жените и преземање соодветни мерки.

Во извештајот се истакнува намалениот пристап до услуги за поддршка на жртвите од родово базирано и семејно насилство, како и дека специјализиран тим за итна заштита 24/7 постои само во главниот град.

Целиот извештај може да се прочита на македонски јазик ТУКА и на англиски јазик ТУКА

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости