Во емисијата Студио 10 на ТВ24, извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска, зборуваше за состојбата со насилството врз жени во Македонија, имплементацијата на Истанбулската конвенција и системските слабости кои ја оставаат заштитата на жените недовршена.
Повлекувањето од Истанбулската конвенција – алармантен сигнал
Димушевска предупреди дека повлекувањето на одредени земји од Истанбулската конвенција е показател дека насилството врз жените никогаш не било вистински приоритет:
„Конвенцијата поставува рамка за заштита, казнување на сторителите и превенција. Повлекувањето значи дека државите не сакаат да инвестираат во животите на жените.“
Македонија – ратификација без имплементација
- Македонија ја ратификува Конвенцијата во 2017 година, но имплементацијата е минимална.
- Националниот акциски план предвидуваше отворање советувалишта, но не беа алоцирани средства за нивно функционирање.
- „Не можат донаторите да ја градат и одржуваат инфраструктурата за заштита. Тоа е обврска на државата,“ истакна Димушевска.
Превенцијата е во образованието, не во кампањите
Според неа, вистинската превенција не се сведува на кампањи и профилни слики, туку на образовен систем кој од најмала возраст учи за родова еднаквост:
„Децата мора да научат дека нема разлика меѓу мажите и жените во однос на моќта и можностите.“
Статистики што загрижуваат
- Пријавувањето на семејно насилство е зголемено за 100% во последните 20 години – од 700–800 случаи годишно на 1500–1600.
- Но, истражувањето на ОБСЕ (2019) покажува дека само 2% од случаите се пријавуваат.
- Тоа значи дека реалната бројка е многу поголема и загрижувачка.
Недостиг на услуги и застарени модели
- Во Македонија постојат само 60 кревети во шелтер центри, далеку под европските стандарди.
- Шелтерите функционираат по застарен модел – тајни локации, одземени телефони, ограничено движење.
- „Жртвите практично го ставаат животот на пауза. Нема психолошка поддршка, нема планови за реинтеграција,“ рече Димушевска.
Случајот на Росица Коцева – огледало на системот
Димушевска се осврна и на трагичниот случај на младата Велешанка Росица, која повеќепати пријавувала насилство, но заврши со фемицид:
„Секогаш ќе има поединци кои не постапуваат професионално, но тоа не смее да ги обесхрабри жртвите. Треба да зборуваме и за успешните приказни – жените кои успеале да излезат од насилството.“
Културата на молчење и вината во жртвата
Еден од најголемите проблеми, според Димушевска, е обвинувaњето на жртвата:
„Секогаш се бара вина во жената – што направила, зошто излегла во три по полноќ. Тоа е оправдување на насилството и заштита на угледот на сторителот. Но насилникот не е татко, не е доктор – тој е насилник.“
Целото гостување може да се погледне на линкот долу:




