„Еднакви патеки, заедничка цел“ – кампања за родовата еднаквост

Кампањата „Еднакви патеки, заедничка цел“ беше создадена со цел да ја доближи темата за родовата еднаквост до пошироката јавност и да отвори простор за информирање, дијалог и препознавање на различните облици на нееднаквост со кои се соочуваат жените во секојдневниот живот. Преку јасен и препознатлив визуелен идентитет, како и разновидна и динамична содржина, кампањата понуди повеќе влезни точки за разбирање на оваа комплексна тема.

Преку мотото „Еднакви патеки, заедничка цел“, кампањата испрати јасна порака: сите луѓе треба да имаат еднакви можности да се движат низ животот со иста поддршка, права и шанси. Нашата заедничка цел е општество што е поеднакво, поправедно и поинклузивно за секого.

Низ различни формати и канали за комуникација, кампањата обработи значајни прашања поврзани со насилството врз жените, учеството на жените во политиката, положбата на руралните жени, женската и менструалната сиромаштија, правата на жените од работен однос, родовиот јаз во платите, како и влијанието на семејното насилство врз децата и врз семејните односи. Со тоа, кампањата не само што информираше, туку и поттикна пошироко разбирање дека родовата еднаквост не е изолирано прашање, туку тема што ги засега сите сфери на општеството.

Посебно значаен дел од кампањата беа видео содржините и објавите на социјалните медиуми, преку кои пораките стигнаа до голем број граѓани. На Инстаграм, содржините остварија 1.323.492 прегледи и 291.651 интеракции, додека на Фејсбук беа регистрирани 1.746.328 прегледи и 13.560 интеракции. Кампањата придонесе и за проширување на публиката, при што беше забележано зголемување од 15% на учеството на машката публика, што укажува на тоа дека темата за родовата еднаквост допрела до поширока и поразновидна јавност.

Подкаст серијал: разговори што отвораат важни прашања

Како дел од кампањата беа подготвени и објавени четири подкаст епизоди на YouTube, кои понудија подлабоки разговори за клучни аспекти на родовата еднаквост. Подкастите отворија простор за експертски размислувања, лични согледувања и јавна дебата за прашања што директно влијаат врз животот на жените.

Епизода 1: „Насилство врз жените“

Првата епизода беше посветена на насилството врз жените и на последиците што тоа ги остава врз жртвите. Говорничка беше Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, која зборуваше за искуствата од работата со жртви и за поддршката што ја обезбедува мрежата. Во епизодата учествуваше и д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, кој зборуваше за психолошките и физичките последици од насилството, но и понуди машка перспектива на темата.

Епизода 2: „Жените во политиката“

Втората епизода го отвори прашањето за местото на жените во политиката, родовите квоти, нееднаквиот третман и стереотипите што сè уште ја обликуваат политичката и општествената реалност. Говорници беа Санела Шкријељ, поранешна пратеничка и заменик-министерка за труд и социјална политика, денес активистка и експертка за родова еднаквост, и Гордан Георгиев, политички аналитичар. Во разговорот беа отворени прашањата за политичката (не)вклученост на жените и за отпорот кон поголемо учество на жените во јавниот и политичкиот живот.

Епизода 3: „Рурални жени, женска и менструална сиромаштија“

Третата епизода се осврна на положбата на руралните жени и на прашањето на женската и менструалната сиромаштија. Неда Чаловска Димовска, национална експертка за родова еднаквост и родово базирано насилство, зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат руралните жени, особено во однос на правото на породилно отсуство и потребата од системски промени. Андреа Угриновска од здружението Тиииит! Инк. го отвори прашањето за менструалната сиромаштија, табуата што сè уште постојат околу оваа тема и последиците што тие ги имаат врз девојките и жените.

Епизода 4: „Поделено родителство“

Четвртата епизода беше посветена на концептот на поделено родителство, особено во контекст на семејства во кои има семејно насилство. Елена Димушевска зборуваше за последиците што овој концепт може да ги има врз децата во семејства погодени од насилство, додека Јанаки Митровски, адвокат, сподели искуства од својата пракса во случаи на разводи во кои е присутно семејно насилство и зборуваше за штетата што ја трпат жените и децата.

Со својата препознатливост, разновидност на формати и силен досег, кампањата „Еднакви патеки, заедничка цел“ успеа да отвори важни разговори и да придонесе кон поголема видливост и разбирање на родовата еднаквост како општествено прашање што бара заедничка одговорност и заедничка акција. Дополнително, дел од создадените материјали ќе продолжат да се објавуваат и во наредниот период, со што пораките на кампањата ќе продолжат да допираат до нова публика.

Оваа активност е дел од проектот „Во одбрана на правото да бидам ЈАС“ поддржан од Француско Министерство за надворешни работи и Европа.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат

Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува.

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: