Домот за жената во Македонија е најнебезбедно место за живеење

2020-та е година која помина во знакот на пандемијата. Година на полициски час, карантин и секојдневни броења на статистики во здравствениот билтен. Истата, 2020-та е година кога во полицискиот билтен се регистрирани 992 кривични дела произлезени од семејно насилство. Сторители имало 1025, од кои најголемиот број се мажи или 930. Невладините минатата година во време додека во сила се мерките за заштита од корона вирусот регистрираат нереално стивнување на пријави од жртви на семејно насилство. Намалување на пријавувањето за околу 30%. Но и овие бројки се далеку од реалноста, алармираат од невладините организации.

 „Точно е дека за жената домот е можеби најнебезбедното место за живеење, таму каде што сите ние бевме затворени изминатиот период. Дури и да се обратеа, да најдеа начин да се обратат некому тие жртви беше тешко да се пријави. Се сеќавате дека имаше жртва на насилство во која телефонски проба да се интервенира, затоа што насилникот бил болен од Ковид, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници.

 Од полицијата апелираат да не се генерализира со еден случај. Помошник-министерот за внатрешни работи, Тони Ангеловски вели дека МВР има доброобучени полицајци и за вонредни ситуации, како што е сега со пандемијата, но и посебна единица која треба да постапува во ситуација на семејно насилство.

 „Не може да генерализираме, секој полицаец е должен да оди на местото на настанот, кога има пријава за семејно насилство. Без разлика дали станува збор за Ковид или не. Ние имаме специјална опрема за влегување во такви домови во време на пандемија. Ние по сугестија на МТСП и невладините овозможивме да не важи полицискиот час за семејно насилство. Апелиравме , секоја жртва на семејно насилство веднаш да се упати до полициска станица, без разлика дали има забрана за движење, таа забрана за движење не важеше за жртви на семејно насилство. Ние сега имаме право и тоа го користиме, доколку полицијата процени дека е опасно да остане дома, го отстрануваме лицето од домот. Имаме посебна единица за семејно насилство, вложуваме колку што е можно повеќе за да одговориме на ваквите дела.

 Но и покрај апелите од полицијата, и охрабрувањата до сите жртви да го пријават насилството, обесхрабрувачка е самата статистика, односно како пријавите најчесто завршуваат како поплаки, а не и кривични дела . Бројот на поплаки кој двојно повеќе доминира во полицискиот билтен, наспротив кривичните дела или прекршоците. Тоа е само еден момент кој ја доведува жртвата до дилема дали да пријави, вели Елена Димушевска, извршна директорка на „Глас против насилството“.

 За претходната, 2020-та година се регистрирани 3759 поплаки, 485 прекршоци за семејно насилство и 992 кривични дела против насилници.

 „Една жена која преживува насилство, за неа е потребно време да се охрабри да пријави во полиција. Откако се охрабри треба да се појави во полиција за да се заштити себе си или своите деца. Но многу често се соочува со недоверба, од самите вработени во институции, прашањето „што направи ти“ и „што претходеше на насилството“ укажува на тоа дека се обидуваме вината да ја најдеме кај жртвата, дека некако се одговорни за насилството кое го преживеале, и никако не смееме да си го дозволиме“, вели Димушевска.

 Минатата година според статистиката на Јавното обвинителство имало оформено 325 кривични дела по членот 130,ст,2 односно „телесна повреда“. Ова било најчестото кривично дело за кое се гонеле насилниците. Од тие предмети 99 завршиле во обвиненија, 32 казнени налози и 140 биле отфрлени. Нешто помалку од овие бројки се регистрирани во 2019-та година. 288 предмети за телесна повреда, отфрлени 104, а поднесени 120 обвиненија. Освен што насилниците се гонеле за нанесување на телесни или тешки телесни повреди , почесто застапено било и делото загрозување на сигурноста, член 144,ст.2 . Во 2019-та имало 355 вакви предмети во обвинителството, а минатата 2020-та година бројката е намалена, односно 274 случаи за загрозување на сигурноста.

 „Бидејќи станува збор за стресна ситуација, најчесто жртвите и да се свесни дека треба да побараат документ како доказ дека пријавиле, во тој момент забораваат, но имаме уште поголем проблем при самото пријавување, а тоа е моментот кога нивната пријава не се третира како кривично дело, туку како поплака. Поплаката ниту судот ниту другите институции не ја третираат како соодветно пријавување и тоа за нас а и за жртвите претставува проблем во понатамошно остварување на нивните права“, вели Атанасова.

 Не само што ќе и биде обезбеден документ дека е пријавен случајот, од МВР велат дека постои и можност жртвата да побара да разговара со жена полициски службеник, доколку не се чувствува слободно пред маж.

 „Има правилник за проценка на ризикот и зависно од тоа што се случило се заведува дали е поплака, прекршок или кривично дело. Се што се случува во полициска станица се евидентира со службен материјал. Ние за жал дури имаме случаи кога ќе пријават па по некое време ја повлекуваат пријавата, вели Ангеловски“.

 Имаме повлекување на пријавата затоа што жртвата не се чувствува доволно заштитена, вели Димушевска.

 „МВР ги охрабрува да пријават, но дали се размислува што се случува откако ќе пријави, нема да преземат никакви чекори и ќе се врати дома кај насилникот. Наспроти тоа јас би дала еден друг предлог пристап, а тоа е да после секој престап насилникот да биде отстранет од домот. Значи ние очекуваме десет пати да пријави за да почне да се презема нешто.. дури по пријавувањето физичкото насилство може и да се интензивира. Првично мора да се направи процена на ризик, или насилникот да се отстрани или да се обезбеди безбедно живеалиште. Од 2008-2015 нашето истражување покажа дека повеќе од 80% се убиени од нивните партнери, значи домот за жената е најнебезбедно место за живеење. Статистиките се далеку од реалноста, поплаките ние не ги броиме, а прашањето е колку поплаки треба да има една жена за да може да се води постапка?

 Од 2012-та година наваму има подобрување во однос на подигнување на свеста и се почесто пријавување на насилството во југо-источниот регион во Македонија вели адвокатката Нетка Ковачева од Струмица.

 „Што се однесува до кривичните постапки може да кажам дека траат релативно кусо. Вообичаено жртвите се чувствуваат многу несигурно бидејќи некои од нив го делат истото живеалиште, ретки се тие кои се плашат од судот или казната со која се соочуваат, “ вели Ковачева.

 Според неа најголемиот проблем е во (не)примената на мерките кои се определени во судска постапка.

 „Кога имаме примена на мерките, особено на пример на мерката задолжително лекување на мерките од алкохолизам., бидејќи во Струмица немаме Министерство за здравство и ги користиме контактите од Итната помош или со МВР и правиме напори насилникот да биде однесен во психијатриска установа. И за тоа време жртвите се чувствуваат многу несигурни.“

 Клучните промени се очекува да станат видливи по измени во Кривичниот законик. Но и понатаму останува апелот од невладините организации, формите на насилство да се дефинирани и да се препознае родовиот аспект, а најважно е законите да предвидуваат финансиски импликации со цел да се зголеми и подобри поддршката за жртвите на семејно насилство.

Преземено од: ТВ 24/ Студио 10

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости