„Би се осврнала накратко на состојбата со насилството врз жените, генерално за законската регулатива и постапувањето на институциите па делумно би се надоврзала на она што го спомна Драгана, а тоа е недовербата којашто постои, и нискиот степен на пријавување на различните форми на насилство. Македонија како држава ја ратификуваше Истанбулската конвенција, веќе добро позната за сите, нема да навлегувам во тоа што конвенцијата носи, само ќе напоменам дека е првиот меѓународен документ којшто ги регулира различните форми на насилство врз жени, вклучително и семејното насилство, и дава препораки за државите, како да обезбедат најсеопфатна и најбезбедна заштита за жртвите.
Македонија ја ратификуваше во 2017, стапи на сила во 2018 година. Согласно тоа, беше развиен национален акциски план за имплементација на конвенцијата, што всушност значи усогласување на националното законодавство со препораките од Конвенцијата, како и започнување на воспоставување на специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на насилство.“, вели Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жените, на панелот на ЦИВИЛ “„Родовата еднаквост во Северна Македонија: Меѓу декларациите и реалноста“.
„Планот, како документ, е петгодишен, и ја започнува својата важност во 2017 година до 2023. Ние како Мрежа направивме два извештаи за следење на имплементација на овој документ, а наодите се навистина загрижувачки, иако, за нас можеби и не се многу изненадувачки. Затоа што, за една држава да го постави системот на заштита и на ниво на законска регулатива, и на ниво на сервиси, мора да го разбере ова прашање. Да ја разбере важноста на поставување на сите овие прописи и сервиси, и што тоа значи. Тоа во суштина значи дека треба да го стави како приоритетно прашање во својата агенда. За жал, после толку години, и тоа не зборувам само од 2017 кога се ратификуваше Конвенцијата, туку за почетокот на деведесеттите години кога женските организации почнаа да зборуваат за семејно насилство, а во 2004 за прв пат беше регулирано во кривичниот законик семејното насилство, па понатаму, со сите обуки, со сите национални акциски планови коишто се направени, она што сега, на крајот на 2021 можеме да го заклучиме, е дека ова прашање ниту било, ниту сега во моментот е приоритет.
Напорите коишто ги вложуваат институциите, се минимални, речиси непостоечки. Секако, има институции коишто вложуваат поголеми напори, но има институции кои воопшто не го сметаат ова прашање како важно, и дека треба да се вклучат. А сите, и ние присутните, а верувам и оние коишто не слушаат, знаеме дека насилството врз жените е општествен проблем, не е проблем на жртвите, не е проблем на жените. Е проблем во кој треба сите да се вклучиме.“, се осврна Димушевска на (не)функционалноста на институциите во однос на третирањето на жртвите на насилство.
„На крајот на 2021 година, доаѓаме до состојба каде што во поголемиот дел од Македонија нема пристапни и достапни специјализирани сервиси и услуги за жени кои преживеале насилство. За да го пријават насилството, за да дојде воопшто до моментот на пријавување, на некои жени им е потребно да разговараат со некого, да им биде објаснета постапката, да бидат информирани. Затоа што на крајот, информацијата е најважна, да знаат како можат и како ќе бидат заштитени. Тоа, најголем дел од жените не можат да го исполнат како право, да ја добијат информацијата, и согласно постоечкиот систем на заштита, да ја добијат и заштитата за којашто имаат потреба.
Нашиот фокус на работа, е застапување за соодветни измени во законската регулатива, она што би го спомнала е дека можеби на хартија, законите коишто ги поседуваме, во одреден дел и не се толку лоши, но тоа што се случува на терен, е навистина загрижувачко, и застрашувачко.
Недовербата во институциите постоела многу години наназад, и тој степен на недоверба само се зголемува. Тоа значи дека одговорноста на институциите, но и на луѓето што работат во тие институции, независно дали се тоа министерствата, или нивните подрачни единици, нивна одговорност е да ја вратат довербата, дека, доколку жртвата дојде во институцијата, ќе биде соодветно примена, информирана за сите можности за заштита, и истите ќе и бидат понудени“, изјави меѓу другото Димушевска.
Преземено од: Цивил Медиа



