Дали имате напната атмосфера во семејството? Веројатно живеете со адолесцент…

Адолесценцијата не е само време на интензивни промени во внатрешниот свет на адолесцентот, туку е и време на промена на улогите на сите членови во семејството, што може да донесе до емоционална нерамнотежа и напната атмосфера во семејството.

Преодниот период на адолесценција, од детството во светот на возрасните, процес во кој настанува интелектуално, емоционално, социјално и полово созревање може да биде предизвик и за детето за родителите. Во овој процес на креирање на возрасниот идентитет, кај детето се создава свест и слика за себе и тоа има силна желба за изразување, за социјализација и за искусување на првите љубовни искуства.

Младите личности имаат изразена потреба за афирмација, да ја докажат својата вредност, своите способности и да добијат признание. Во оваа борба за самостојност, доаѓаат во судир со родителите и наставниците, бидејќи постои несогласување во однос на правилата кои ги поставуваат возрасните и потребите и желбите на младите. Доколку родители се наклонети да критикуваат и постојано да ги потенцираат грешките, основната потреба на младата личност да биде прифатена се преобразува во спротивставување, бунтовност, повлекување во себе или свртување кон друштвото на врсниците. Крутото поставување на правила најчесто не води до решение и до подобрување на релацијата со децата.

Адолесценцијата не е само време на интензивни промени во внатрешниот свет на адолесцентот, туку е и време на промена на улогите на сите членови во семејството, што може да донесе до емоционална нерамнотежа и напната атмосфера во семејството.

Во семејството е потребно да се негува толеранција на различности и флексибилен став кон очекувањата, кое ќе му овозможат на младиот човек да го реализира своето тежнеење за независност и ќе му остави простор за развивање на чувството на компетентност во изборите, лична одговорност за себе и своите постапки во семејството, училиштето и меѓу пријателите.

На детето му е потребно пред сѐ, родителот да го вреднува и почитува детето такво какво што е. Тоа е главно подршка, разбирање и уважување прекy отворена заинтересираност на родителот за тоа што има да каже и покаже детето и спремност да се дискутира за што било што го интересира детето во одреден момент. Можеби една од најважните вештини кои е потребно родителот да ја развива е слушањето. Тоа во пракса би изгледало вака:

Дозволете му на детето да ја доврши својата приказна

Сослушајте го и дајте му време да си ги искаже  мислите, може да го стимулирате да дојде до неговото мислење со кратки прашања

Не се обидувајте веднаш да ја разрешите, поправите ситуацијата

Запамтете дека слушањето не значи дека се согласувате со сѐ што кажува детето, меѓутоа значи вреднување на туѓото мислење и уважување

За да се стимулира развојот на психички зрела и самостојна личност, на детето му е потребно – чувство на сигурност, кое доаѓа од емоционалната поврзаност со семејството, понатаму чувство на успех за напорот кој го вложува и развој на свесноста за животните ограничувања.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и психотерапевт, супервизор на Линијата за родители
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости