Базична студија за задоволството на жени жртви на РБН и СН како кориснички на услуги во ЦСР

Во текот на 2020г. тимот на Националната мрежа изработи “Базична студија за задоволството на жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство како кориснички на услугите во Центрите за социјална работа“.

Студијата беше изработена врз основа на податоци собрани во периодот Мај – Ноември 2020г. и опфати 10 локални Центри за социјални работи (ЦСР) и 68 кориснички на нивните услуги кои се жртви на родово базирано и семејно насилство. Дополнително, во студијата се опфатени и 8 различни специјализирани сервиси за жртви на родово базирано и семејно насилство, водени од граѓански организации, каде овие жени се обратиле и добиле некаква услуга.

Целта на студијата беше да се процени задоволството на жените жртви на насилство како корисници на општи и специјализирани услуги, со фокус на услугите обезбедени од ЦСР на локално ниво.

Главниот наод на студијата е дека 35% од жените жртви кои добиле услуга во ЦСР биле незадоволни и 34% биле малку задоволни. Останатите 31% се изјасниле како задоволни.

Во однос на задоволството од користење специјализирани услуги во граѓанските организации, задоволни биле 80% од испитаните кориснички.

Заклучоците на студијата укажуваат на тоа дека локалните центри за социјална работа имаат повеќе недостатоци во своето постапување, што резултирало со слаба заштита на оние кои побарале помош и ниско задоволство од добиените услуги. Имено, ЦСР најчесто не правеле соодветна процена на ризикот од насилство, ниту пак се изработувале индивидуални планови за работа со корисничките. Постапувањето било генерално исто или слично за повеќето кориснички, односно не се применувал индивидуалниот пристап за секоја жена со фокус на нејзините специфични потреби. Следствено на несоодветната процена и недостатокот на индивидуален план за работа, следните чекори во постапувањето биле несоодветни  и не навремени.

Студија дава повеќе препораки за унапредување на работата Центрите за социјална работа во Северна Македонија, која треба да биде во согласност со одредбите на Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Препораките генерално се однесуваат на зголемување на човечките ресурси во центрите за социјална работа, нивна редовна и континуирана надградба преку обуки и тренинзи на релевантни теми, особено за формите на насилство и реинтеграција на жртвите на насилство. Дополнително, фокусот мора да биде ставен на индивидуалниот пристап во работа со секоја жена жртва која ќе побара помош.

Заклучоците и препораките во целост може да се прочитаат во студијата, достапна на овој линк.

Оваа активност се спроведе во рамките на проектот „ Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство“ поддржан од Австриската Агенција за развој (АДА), и е дел од регионален проект кој е спроведува во 6 земји од Западен Балкан (Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија).

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости