Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство апелира за итно разрешување на случaјoт во кој тринаесетгодишно дете е прободено со нож во Скопската населба Чаир, кое според јавно објавените информации, се наоѓа во животозагрозувачка состојба. Во инцидентот биле вклучени и други деца. На повреденото дете му посакуваме брзо закрепнување, а за семејството поддршка.
Но сочувството не е доволно. Ова не е „детска тепачка“, ниту изолиран инцидент што може да се затвори со полициски записник и неколкудневен јавен револт. Кога дете завршува со повреди во пределот на срцето, а други деца се дел од насилството, пред нас стои доказ за сериозен неуспех на системите што морале многу порано да препознаат ризик, да понудат поддршка и да спречат ескалација.
Одговорноста не смее да се сведе само на казнување и етикетирање на децата или родителите. Насилството врз децата и меѓу децата може да се спречи, а државата има правна обврска да обезбеди функционален систем за превенција, идентификација, пријавување, упатување, истрага, третман и следење. Достапните податоци се алармантни: 23% од младите на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци. (https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/soopstenija/nasilstvoto-vrz-decata-moze-da-se-spreci-ako-dejstvuvame-zaedno).
Насилството не почнува со нож; тоа расте таму каде што понижувањето, заканите, дискриминацијата и агресијата се игнорираат или се прогласуваат за „нормални“.
Краткорочни кампањи и декларативни апели по секој нов тежок случај не се политика за заштита на децата. Потребни се трајни програми, обучен кадар, достапни услуги, јасни протоколи, сигурни канали за пријавување, мерливи резултати и јавна отчетност. Секое одложување значи прифаќање на ризикот да биде повредено уште едно дете.
Бараме итно и координирано постапување на институциите:
• Итно, темелно и непристрасно да ги утврдат сите околности и евентуалните претходни пријави или предупредувачки сигнали, со постапување приспособено на деца и без дополнителна трауматизација.
• Јавно да информираат за преземените институционални мерки, без откривање детали што можат да им наштетат на децата или на постапката.
• Во сите училишта да спроведуваат задолжителни и соодветно финансирани програми за превенција на насилство, родова еднаквост, недискриминација, емоционална регулација, здрави односи и мирно решавање конфликти.
• Да се ревидираат Правилникот и протоколите на МОН така што експлицитно ќе ги препознаваат родово базираното насилство, насилството од омраза и насилството мотивирано од предрасуди и лични карактеристики.
• Да се развиваат и имплементираат програми за позитивно и ненасилно родителство, наместо одговорноста институциите едноставно да ја префрлаат врз семејствата.
• Да се воспостават достапни и бесплатни услуги за ментално здравје за деца и млади во училиштата и локалните заедници, а не само интервенции по настанување криза.
• Да обезбедат независно следење на спроведувањето на овие мерки и редовно јавно да известуваат што е преземено и со каков резултат. Ветувањата без буџет, рок и одговорност не се мерки.
Истовремено потсетуваме дека децата не учат само од наставните програми. Тие секојдневно гледаат како носители на јавни функции навредуваат, се закануваат и го нормализираат понижувањето. Не може од младите да се бара ненасилство додека јавната сцена произведува омраза и агресија без последици. Политичарите мора да престанат да ја хранат културата на насилство и да преземат одговорност за јавниот простор што го создаваат.
Не прифаќаме уште еден циклус на шок, изјави и заборав. Секое дете има право да биде слушнато, поддржано и заштитено пред насилството да се случи, а државата има обврска тоа право да го претвори во секојдневна реалност.




