Во текот на 2025 година, Женските центри за поддршка во Скопје и Тетово прераснаа во Женски хабови и се развиваа како безбедни и динамични простори во кои жените и девојчињата не само што добиваа поддршка, туку и знаење, вештини, охрабрување и простор за личен раст. Преку едукативни, искуствени и практични активности, се создаде можности за информирање, поврзување, зајакнување и градење отпорност кај различни групи учеснички и учесници.
Во периодот од септмеври 2025 до февруари 2026г. беа реализирани 11 психодрамски работилници за личен раст и развој, на кои учествуваа 67 учесници, од кои 52 жени и 15 мажи. Овие работилници отворија простор за подлабока лична работа преку теми како идентитет, простување, потиснати емоции, семејни влијанија, лични граници, партнерски односи и животно темпо. Преку психодрамски техники, учесниците работеа на зголемување на самосвесноста, емоционалното изразување, личната отпорност и капацитетот за личен развој.
Паралелно со тоа, беа организирани и 12 едукативни работилници за родово базирано насилство, спроведени на македонски и албански јазик, со вкупно 120 учесници: 68 жени, 33 девојки, 8 мажи и 11 момчиња. Овие работилници обработуваа теми поврзани со родово базираното насилство, сексуалното насилство, динамиката на насилство, (не)насилните врски, поддршката во кризни ситуации, правата на жените и достапните механизми за заштита и помош. Значаен аспект на овој циклус беше тоа што истите теми беа прилагодено обработувани со различни публики и во различни локални контексти, што овозможи поширок досег и поголема релевантност на содржините.
Работилниците беа наменети за различни целни групи — студентки и студенти, средношколци, млади волонтери, девојки од мали групни домови, како и млади жени од рурални средини. Дел од активностите во Тетово беа реализирани на албански јазик, што овозможи поголема пристапност и активно учество на младите жени Албанки и други учеснички од локалната заедница. Од вкупниот број учесници на едукативните работилници, 38 беа Албанки, односно околу 30%.
За поддршка на економското зајакнување и професионалниот развој, беа реализирани и 5 групни работилници за кариерен и професионален развој, со вкупно 38 учесници, од кои 22 жени и 16 девојки. Темите опфатија личен развој, препознавање на сопствени таленти и вредности, градење дигитален идентитет, користење дигитални алатки, социјално претприемништво, кариерна ориентација и подготовка за вработување. Преку овие активности, учесничките работеа на својата самодоверба, вештини за професионално претставување и препознавање на сопствените можности за развој и вработување.
Особено е значајно што овие работилници не останаа само на ниво на теоретско информирање, туку создадоа простор за практична работа, саморефлексија и активна вклученост. Учесничките и учесниците не беа само слушатели, туку активни дел од процесите — разговараа, анализираа, споделуваа лични искуства, учеа како да препознаат ризици, како да постават граници, како да побараат поддршка и како да ги препознаат сопствените потенцијали.
Овој сеопфатен пристап придонесе кон создавање на сигурни хабови како места каде жените и девојчињата можат да добијат поддршка, да стекнат знаење, да развијат нови вештини и да изградат поголема доверба во себе и во можноста за промена. Во суштина, овие активности покажаа дека поддршката е најсилна тогаш кога е истовремено безбедна, практична, солидарна и насочена кон реалните потреби на жените и девојчињата.
Овие активности се спроведоа во рамките на проектот „Рушење на бариерите, градење отпорност: Сигурни хабови за поддршка и подигање на свеста за жените и девојчињата“, поддржан од Канадскиот фонд за локални иницијативи.

















