Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство на 23 декември 2025 година одбележа 15 години постоење и дејствување, со јавен настан на кој беа претставени работата, клучните достигнувања низ годините и следните приоритети во застапувањето и обезбедувањето поддршка за жените жртви на насилство. Јубилејот беше можност да се оддаде признание на сите кои низ годините придонеле кон растот и влијанието на Мрежата, но и да се испрати јасна порака за потребата од континуирана, здружена и солидарна акција.

Под слоганот „Од тишина во глас“, јубилејот го истакна патот што Мрежата го изоде во изминатите 15 години – од отворање теми што долго време биле замолчувани, до градење силен и препознатлив глас против насилството. Настанот имаше и донаторски карактер, со можност за поддршка преку купување влезници како донација, како и преку донациски кутии поставени на самото место. На овој начин, одбележувањето на годишнината беше не само симболично, туку и директно насочено кон обезбедување поддршка за идните активности на Мрежата.
Одбележувањето на јубилејот се одвиваше во неколку чекори. На 4 декември беше организиран брифинг со новинари, а потоа и средба со донатори и партнери, на која беа претставени најзначајните резултати од изминатите 15 години, како и идните насоки на делување на Мрежата. Преку овие настани, Мрежата ги сподели своите достигнувања во развојот на специјализирани услуги, застапувањето за системски промени и поддршката на жени и деца погодени од насилство, но и ја нагласи важноста од продолжување и унапредување на оваа работа во следниот период.
Како дел од јубилејното одбележување беа подготвени и две видеа што ја прикажаа суштината на работата на Мрежата и на Женските центри за поддршка. Во видеото посветено на центрите, координаторките Моника Чекаловиќ од Скопје, Гулџан Мазлами од Тетово и Наташа Бекирова од Битола зборуваа за тоа како им помагаат на жените жртви на насилство, каква поддршка обезбедуваат и зошто ваквите услуги се од суштинско значење за безбедноста, стабилизацијата и закрепнувањето на корисничките.
Посебна вредност на ова видео му дадоа и реконструкциите на две реални животни приказни, изведени со скриени идентитети, со цел да се заштити безбедноста и достоинството на жените. Во улога на жртвите настапија поддржувачки на Мрежата, што овозможи автентично и емотивно пренесување на искуствата без директно изложување на самите жртви.
Во второто видео, посветено на 15-годишното делување на Мрежата, зборуваа Санела Шкријељ, првата претседателка на Мрежата, Неда Чаловска Димовска, активистка, експертка и поранешна претседателка, Елена Димушевска, извршна директорка, Ана Аврамоска Нушкова од тимот на Мрежата, како и Азиза Сали од Иницијатива на правата на жените од Шуто Оризари – организација поддржана преку субгрантирање. Нивните сведоштва ја доловија еволуцијата на Мрежата низ годините, нејзината улога во отворањето важни општествени прашања и нејзината посветеност на градење солидарна и силна заедница што не молчи пред насилството.
Главниот јубилеен настан се одржа на 23 декември во Младинскиот културен центар во Скопје, во присуство на над 85 гости – соработници, членки, вработени, поранешни вработени, поддржувачи, донатори, партнери и пријатели на Мрежата. Настанот беше исполнет со емоција, благодарност и чувство на заедништво, а програмата ја истакна и историјата и иднината на организацијата.
Во рамки на настанот најнапред беше прикажано видеото посветено на жртвите и на 15-годишната работа на Мрежата, по што извршната директорка Елена Димушевска се обрати пред присутните. Во својот говор таа се осврна на растот на Мрежата, на предизвиците со кои се соочувала, но и на значењето на секој здружен чекор направен во насока на обезбедување подобра заштита, поддршка и правда за жените жртви на насилство. По обраќањето, таа на сцената ги покани членките на тимот на Мрежата, а потоа и организациите членки, нагласувајќи дека сите успеси се резултат на заедничка и долгорочна посветеност.

На настанот беа доделени 11 специјални благодарници за особен придонес и поддршка во работата на Мрежата. Признанија добија: UN Women, Kvinna till Kvinna, Фондација Емине Зендели, НЛБ Банка, Клубот на пратенички, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Санела Шкријељ како прва претседателка на Мрежата, Град Скопје, Општина Битола, Општина Кавадарци и Општина Центар. Дополнително, беа доделени благодарници на сите донатори на Мрежата, како и признанија на организациите членки и на поединци и организации за нивната посветеност и поддршка низ годините.
Овие признанија претставуваа силен симбол на сојузништвото што Мрежата го градела со години – со институции, донатори, граѓански организации, локални самоуправи, поддржувачи и поединци што веруваат во истата цел: општество во кое ниту една жена нема да остане сама во својот најтежок момент.
Во пресрет и за време на јубилејот беа изработени и повеќе кратки видеа и онлајн банери, кои ја отсликуваа работата на Мрежата и го најавуваа и промовираа самиот настан. Овие материјали придонесоа за поширока видливост на јубилејот и за доближување на пораката „Од тишина во глас“ до пошироката јавност.
Одбележувањето на 15 години постоење не беше само навраќање кон постигнатото, туку и потсетник дека борбата против насилството врз жените бара истрајност, соработка и постојана општествена мобилизација. Со овој јубилеј, Националната мрежа уште еднаш потврди дека од тишината може да се изгради глас – силен, гласен и заеднички – глас против насилството.









































