По долгогодишните напори и застапување за воспоставување на нови специјализирани услуги за жени жртви на родово базирано и семејно насилство, во Декември 2021г., Националната мрежа официјално ги отвори двата Женски центри за поддршка, еден во Скопје и еден во Тетово. Центрите се отворени со финансиска поддршка на Балканскиот фонд за демократија и Кралската амбасада на Норвешка во Белград, како и Словачката амбасада во Скопје.
На отворањето на Женскиот центар за поддршка во Скопје присуствување и Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која ја истакна заложбата на Град Скопје за понатамошна поддршка и одржливост на центарот. Дополнително беа присутни и претставнички на донаторите, односно Тијана Књежевиќ од Балканскиот фонд за демократија и Жанета Маркушова, сопругата на словачкиот амбасадор во Северна Македонија.
Отворањето на Женскиот центар за поддршка во Тетово беше проследено со панел дискусија во општинската сала при Општина Тетово на која присуствуваа градоначалникот Биљал Касами како и Дарко Обадиќ, Директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, како и претставнички на НВО Кортекс – Тетово.
Овие центри се специјализирани советувалишта за жени и деца кои се справуваат со родово базирано и семејно насилство, и обезбедуваат бесплатни и доверливи услуги за помош и поддршка. Жените кои ќе побараат помош или ќе бидат упатени во Женските центри, добиваат целосна помош и поддршка за справување со насилството, без разлика дали насилството се случува во моментот, или пак се случило во минатото но оставило последици и предизвици со кои жената и нејзините деца тековно се соочуваат. Поддршката опфаќа советување за остварување социјални права, психолошко советување и психотерапија, која може да биде индивидуална и/или групна, правна помош и поддршка, упатување и придружување до институции и други организации, како и кариерно советување и менторска поддршка при економско јакнење. Услугите ги обезбедува тим од социјална работничка, правна советничка, психолог/ психотерапевтка и кариерна советничка.
Повеќе информации за услугите кои може да се добијат во Женските центри се достапни на овој линк.
Работното време на центрите е 08.00ч. до 16.00ч. секој работен ден. Контакти од центрите:
Скопје, телефон 075/255-154 email: sovetuvaliste@glasprotivnasilstvo.org.mk
Тетово, телефон 075/344-770 email: sovetuvaliste.tetovo@glasprotivnasilstvo.org.mk




