Тинејџерски насилни врски

Според СЗО, насилството се дефинира како секоја намерна употреба на физичка сила или пак моќ, која  може да биде реална или во форма на закана, насочена кон себе си, кон друго лице, или кон некоја група или заедница, а која завршува (или постои голема веројатност да заврши) со физичка повреда, со смрт, со психичка штета, со нарушувања во развојот или лишеност.

Насилството е инструмент со кој се обезбедува доминација и моќ. Насилството може да се случи секаде, на било кое место, во било кое време, било кому. Родово базирано насилство е употреба на било кој вид на насилство, насочено против некое лице врз основа на полот. Насилството врз девојките и жените во светски рамки е едно од најчестите прекршувања на човековите права. Советот на Европа го дефинира насилството врз жените како сите акти на родовото насилство што резултира, или постои веројатност да резултира со физички, сексуални, психички или економски штети или пак страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, принуда или лишување од слобода, без разлика дали се случува во јавниот или во приватниот живот. Во конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, наведени се повеќе форми на  родово базирано насилство и тоа: физичко, психичко, економско, сексуално насилство, вклучувајќи и силување, сексуално вознемирување, демнење, женско генитално осакатување, принудени и договорени бракови, присилен абортус и присилна стерилизација, детски/малолетнички бракови.

Социјалните и културолошките норми се фактори кои влијаат  во оформувањето на однесувањето на еден млад човек. Тинејџерите се на возраст каде медиумите и нивните врсници имаат големо влијание во оформувањето на нивниот карактер. Исто така, голем дел од времето го поминуваат во размислување за својата симпатија или партнер, па така и   партнерските врски играат важна улога во обликувањето на личноста на адолесцентите.  Добрите вештини за комуникација се клучни за квалитетот на партнерската врска, а исто така и  степенот на развој на вештини за разрешување конфликти. Последиците од насилство кај младите не се јавуваат веднаш и често остануваат не забележани, како пореметувања во сонот и исхраната, намалување на успехот во училиште, па се до депресија, ментални нарушувања, обиди за самоубиство, синдроми на хронична болка, несакана бременост, ХИВ / СИДА и други сексуално преносливи инфекции како долгорочни ефекти.

Факторите кои го стимулираат насилството кај младите се комплексни. На пример на индивидуално ниво, тоа се хиперактивност, импулсивност, проблеми со вниманието, рано започнување со консумирање на алкохол, злоупотреба на дрога, експозиција за насилство во семејството, ниски постигнати резултати во училиште.  Од друга страна пак, ризик факторите поврзани со врските и односите со околината (семејство, пријатели, партнери) се слаба поврзаност со родителите, отсуство или слаб надзор од родителите, ниски семејни примања, притисоци од страна на врсниците. Според најновото истражување на Младинскиот образовен Форум “Насилство кај средношколци”, насилството покрај тоа што е честа појава помеѓу врсниците не отстапува и помеѓу партнерските врски.  36,1 % од испитаниците користеле „пцовки или го нарекувал/со погрдни изрази“ својот партнер/ка, 27,3% се заканиле со „физички напад“, 26,6% имале „физичка пресметка“ со својот партнер/ка, 30,1% „удриле шамар или го турнале“ својот партнер/ка, 26,1% „удриле тупаница, клоца или го давеле“ својот партнер/ка. За ниту еден од наведените модели не постои значајна разлика во однос на полот,односно и машките и женските имаат слично искуство со манифестирање на насилно однесување во партнерскиот однос. Во однос на булингот,  истото истражување покажа дека 10,6% од учениците биле жртва  на „сексистички коментари или гестикулации“, а 11,6% добиле „навредлива или исмејувачка порака или навредувачки коментар на социјални мрежи и веб-портали“. Според истражувањето на ХЕРА од 2009 година, Љубов после часови, учениците не се стекнуваат со информации и вештини како да се заштитат од сексуално и родово-базирано насилство, каде треба да пријават насилство и каква грижа треба да им се овозможи на жртвите на насилство.

Потенцијалниот насилник може да се препознае по изразувањето љубомора, контрола, присила на секс,  излоција на партнерот од  блиските, често менување на расположението, разбивање и удирање со објекти, префрлување на вината кај партнерот. Излегувањето од насилниот круг е не е едноставен процес и зависи од многу фактори.

Правото на живот без насилство е основно човеково право, гарантирано со меѓународни конвенции и договори. Прифаќањето на насилството како нешто секојдневно е неприфатливо, бидејќи од едно насилство произлегува друго. Една од мерките која е клучна во борбата против родово базираното насилство, која е повеќе од ургентна и ќе овозможи младите да градат задоволувачки врски и односи, без насилство и злоупотреба е сеопфатното сексуално образование.

 

Текстот го подготви Велимир Савевски од Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“  која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје. 

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости