Во текот на Февруари се одржа втората средба со граѓански организации следствено на иницијалната средба за презентација на наодите на УПП (Универзален периодичен преглед) на човекови права која се одржа во Декември 2023г.
Имено, тимот на Националната мрежа учествуваше во подготовка на Извештајот за Универзалниот периодичен преглед на човековите права за северна Македонија, заедно со 6 други организации, како грантисти на Институтот за европска политика – ЕПИ Скопје. На иницијалната средба, освен презентација на наодите на УПП, се дискутираа и следни чекори за подобрување на состојбата со насилство врз жени и деца во С. Македонија.
Втората средба се фокусираше на споделување мислења и препораки за комуникациските пораки кои би се користеле во кампања за борба со анти-родовите движеа. Повеќето организации сметаат дека прашањето за насилство врз жени и деца е обединувачко прашање за повеќето релевантни чинители, како и за граѓаните. Тоа би требало да биде водечко, а дополнително да се пренесат пораки за родовата еднаквост, и некои поединечни права/аспекти кои се најсилно засегнати како: женска сиромаштија, правото на породилно отсуства на земјоделките, родовиот јаз во плати, сеопфатно сексуално образование и други. Беа дадени и конкретни предлози за пораки, кои ќе се финализираат и користат во рамките на други проекти, со цел да бидат презентирани во текот на предизборјето наспроти предизборните кампањи на партиите. Дискусијата продолжи во насока на изборите, претседателки и парламентарни, на што учесниците се надоврзаа во однос на предлог Законот за родова еднаквост и Стратегијата која треба да го наследи Националниот Акциски план за имплементирање на Истанбулската конвенција (2018-2023).
Дискусијата продолжи во насока за проактивност кон надлежните институции преку претстојниот Марш за 8-ми Март, каде барањата на граѓанскиот сектор може да се изразат преку пораките и транспарентите кои ќе се споделат на маршот. Во таа насока, се осмисли слоганот за маршот – Црвена линија, односни сите црвени линии кои не смеат да се поминат во однос на женските права и заштита од насилство врз жени и деца.
Оваа активност се спроведе со поддршка на Институт за европска политика (ЕПИ) како дел од шемата за регрантирање „Човековите права во практиката“.