Конференција за стандардизирани услуги за семејно насилство

Граѓанските организации за стандардизирани услуги за семејно насилство

Конференција на тема „Стандардизација на специјализирани услуги, обезбедени од граѓански организации, за поддршка на жртви на семејно насилство“, се одржа на 18.11.2015 год. во Хотел Арка, Скопје во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Овој процес ХЕРА го спроведе во текот на 2015 година во рамки на проект поддржан од ОН Жени заедно со Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и 4 други невладини организации: Кризен центар „Надеж“ со нивниот сервис Интервентно сместување, Организација на жени, Скопје со сервисот Прифатен центар, Национален совет за родова рамноправност-СОЖМ со сервисот СОС мобилна линија, Женски форум, Тетово со Бесплатна правна помош и Асоцијација за здравствена едукација и истражувања – ХЕРА со услугата Психоцијална поддршка на жени и деца жртви и сторители на семејно насилство. За време на конференцијата, говорниците од овие организации ги презентираа резултатите и искуствата од имплементација на стандардите. Три од организациите, во директната работа со жртвите на семејно насилство, целосно ги имплементирале стандардите, додека кај две од нив, во иднина, ќе биде потребна дополнителна поддршка за исполнување на одредени кадровски и технички услови, согласно стандардите.

На конференцијата присуствуваа 34 претставници од невладини организации, Министерство за труд и социјална политика, центри за социјална работа, општини и др.

Од презентациите на говорниците, како и од дискусиите на присутните беа донесени следните заклучоци, а во насока на обезбедување поголема достапност на услугите за заштита од семејно насилство на територијата на цела држава, на конференцијата се донесоа следните заклучоци:

1. Македонија мора да ја ратификува Истанбулската конвенција како една од првите земји кои ја поддржаа. Конвенцијата е важна поради тоа што бара сеопфатен стандардизиран пристап кој ќе го подигне квалитетот и бројот на услугите кои граѓанските организации ги нудат за поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство. Притоа, посебен фокус треба да се стави на унапредување на системот за препраќање помеѓу сите стандардизирани сервиси и институции со цел подобрување на квалитетот и достапноста на услугите наменети за жртвите на семејно насилство. Сепак, пред да биде ратификувана Конвенцијата, сервисите треба да ги исполнуваат општите стандарди кои истата ги предвидува.

2. Услугите кои граѓанските организации ги нудат мора да се засноваат на антидискриминаторски политики, односно сервисот треба да биде достапен и пристапен за сите граѓани. Ова, особено важи за лицата со попреченост, како физичка така и ментална како и припадниците на малцинствата кои не го говорат македонскиот јазик. Обезбедувањето на пристапност за лица со физичка попреченост, останува како најголем предизвик за сите граѓански организации.

3. Процесот на стандардизација на специјализираните услуги за жртви на семејно насилство, значително ги зајакна капацитетите на граѓанските организации за нудење на квалитетни сеопфатни услуги, согласно меѓународните и националните стандарди за нудење на услуги за жртви на семејно насилство. Дополнително, граѓанските организации значително ја подобрија својата видливост како пред државните институции така и пред самите кориснички на услугите. Исто така, подобрена е соработката и системот на препраќање помеѓу организациите.

4. Како главен предизвик во процесот на стандардизација се наметнува позицијата на невладините организации во Македонија. Не може да се зборува за стандарди и квалитет на услугите од невладини организации, ако не се препознае и признае нивната улога како подеднакво важни партнери на државата во борбата против семејното насилство.

5. Државните институции, пред се МТСП треба да обезбедат ефикасни мерки за интегрирање на сервисите за жртви на семејно насилство кои ги исполнуваат стандардите во националните буџети и програми со цел да се обезбеди финансиска одржливост на истите. На овој начин ќе се обезбеди поголема достапност на услугите за заштита од семејно насилство на територијата на цела држава.

6. Неопходно е, особено на локално ниво, да се формираат меѓу-секторски тимови со цел подобрување на системот на препраќање меѓу организациите кои обезбедуваат услуги за жртви на семејно насилство.

7. Неопходно е да се воспостави ефективна соработка помеѓу граѓанските организации и државните институции во насока на здружување на напорите за обезбедување финансиска одржливост на сервисите кои се обезбедени од страна на граѓанскиот сектор.

8. Потребно е, исто така, да се спроведе стандардизација на услугите кои ги нудат државите институции, по моделот на стандардизацијата спроведена кај граѓанските организации.

9. Потребно е да се осмисли и воспостави комбиниран модел на финансирање на сервисите за жртви на семејно насилство, обезбедени од граѓански организации, кој ќе вклучува партнерство помеѓу централната, локалната власт, бизнис секторот и др. Најпосле, потребно е да се разгледа опцијата на „outsourcing” на социјалните сервиси, обезбедувани од државата кон граѓанските организации.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости