Регионална конференција „Заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано насилство – моментални состојби и добри пракси“

На 11.11.2015, во ЕУ Инфо центар во Скопје, се одржа регионална конференција на тема „Заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано насилство – моментални состојби и добри пракси“ организирана од Националниот совет за родова рамноправност, а во рамки на проектот „Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди за заштита на жените од родово базирано насилство“ во кој Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е локален партнер.

По поздравните обраќање следеа два панели беа на тема: Законска рамка предуслов или гаранција за соодветна заштита на жртвите на родово базирано насилство и Прифаќање и сместување на жртвите на родово базирано насилство – анализа на состојбите на Р.М на кои збор земаа претставници од граѓански организации, Министерство за внатрешни работи, Министертво за права и Меѓуопштински центар за социјални работи во Скопје.

Во последниот панел свои презентации за состојбата и напредокот со сопствените држави имаа претставничките од партнер организациите од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Австрија. Темата на панел сесијата беше „Имплементација на стандардите за заштита на жртвите на родово базирано насилство содржаниво Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство“.

Во насока на унапредување на законската легислатива и системот на заштита како препораки произлегоа следниве:

1. Република Македонија мора да ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, бидејќи Конвенцијата воспоставува сеопфатна рамка, политики и мерки за помош и заштита за жртвите на насилство врз жените и домашното насилство;

2. Во релевантните закони на Република Македонија потребно е да се воведат дефиниции на насилство врз жени, домашно насилство, жртви на насилство врз жени и домашно насилство, род и родово засновано насилство во согласност со дефинициите предвидени со Конвенцијата;

3. Развивање на сеопфатни и координирани политики за спречување и борба против сите форми на насилство кои се опфатени со Конвенцијата;

4. Обезбедување на соодветни финансиски и човечки ресурси заради адекватно спроведување на интегрираните политики, мерки и програми за спречување и борба против сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи ги и оние што ги реализираат невладините организации;

5. Редовно собирање на расчленети статистички податоци за случаите на сите форми на насилство врз жените кои се опфатени со Конвенцијата;

6. Спроведување на истражувања за сите форми на насилство опфатени со Конвенцијата;

7. Промена на дефиницијата за силување во Кривичниот законик и Законот за кривична постапка;

8. Обуки за релевантните професионалци кои постапуваат со жртви или со сторители на сите акти на насилство опфатени со Конвенцијата;

9. Воспоставување и доволна територијална распространетост, достапност и функционалност на шелтер-центри за жени-жртви на сите видови насилство врз жени и нивните деца и на бесплатна и 24-часовна национална СОС линија за жртви на родово засновано насилство според стандардите на Истанбулската конвенција, чија одржливост се гарантира со однапред дефинирано финансирање;

10. Воспоставување на кризни центри за спроведување на стручен третман за жртви на силување или центри за упатување и поддршка при сексуално насилство врз жртвите чија одржливост се гарантира со однапред дефинирано финансирање;

11. Вистинско препознавање на невладиниот сектор како одговорен чинител и партнер во спроведување на активностите, а особено преку обезбедувањето и распределбата на финансиските средства за имплементација;

12. Развивање на Програми за сторители на насилство достапни на целата територија на РМ;

13. Олеснување на пристапот на жртвите до бесплатна правна помош;

14. Во областа на законите кои ги уредуваат прашањата на миграција и азил потребно е нивно дополнување во смисла на препознавање на жртви на кривични дела од опсегот на Конвенцијата и овозможување независно добивање на правен статус без оглед на времетраењето на бракот или врската односно на жртвите од сите форми на насилство врз жени да им се обезбеди стекнување на право на престој како нивно лично право;

15. Во националните закони потребно е родово заснованото насилство врз жените да се дефинира како основа за добивање на статус на бегалец или на лице под супсидијарна заштита;

16. Во законите што ја регулираат оваа област потребно е да се предвидеат индикатори за рано утврдување на случаи за насилство врз жените, и да се воспостават правила за родово сензибилизирано постапување на државните службеници со жени жртви на насилство

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости