Родителот како уметник

Ајде да се потсетиме дека родителите се оние кои што носат нова форма на живот во светот. Форма која што започнува да постои благодарение на родителскиот потенцијал за креација исто како што Мона Лиза не би постоела без истиот тој потенцијал кај Леонардо Да Винчи.

           Низ текот на животот, родителот продолжува да биде уметник за детето. Различните ситуации со коишто се среќава при доживувањата и реакциите на сопственото дете, родителот постојано ги обликува на начин што им дава форма и смисла за детето да може да ги разбере и на овој начин креира плодна почва за здраво и континуирано растење. Родителот е тој/таа, кој/а потпирајќи се на сопственото животно искуство умее да го разбере процесот низ кој што поминува детето и соодветно да одговори на детските потреби.

            Уметноста не нужно значи дека целиот овој процес оди со леснотија. На патот постојат границите на можностите кои што го ограничуваат  родителот во тоа што реално може да биде направено во секоја дадена ситуација. Секако и уметникот се среќава со овие бариери, но наоѓа начин како да ги вклопи во она што сака да го обликува. Ова го прави на начин што не се откажува ниту од границите ниту пак од идеата која што сака да ја создаде. Доживувајќи го притисокот, потешкотијата и вознемиреноста од процесот на создавање, уметникот успева го најде заедничкиот јазик на сите елементи и да ја оствари својата потреба истовремено почитувајќи ги ограничувањата.

           Следејќи го растот, развојот и потребите на своето дете и родителот се среќава со слична ситауција како и уметникот. Тажните моменти на детето дозволува да бидат изразени и спонтано да преминат во смиреност. Лутината и стравот исчезнуваат како што доаѓаат благодарение на поддршката и разбирањето. Радоста се проширува на нивото на целата фамилија, каде што секој од членовите засебно учествува и расте со другите членови. Родителот знае дека емоциите ги регулираат семејните односи и со нивното дозволување целото семејство расте во нова форма на зрелост.

            Најважно од целата оваа релација е тоа што детето учи гледајќи го својот родител. Не толку што родителот прави, туку како ги вклопува елементите од животот и како им дава смисла на истите. Детето учи како да се справува со идни разочарувања и моментални стравови. Учи како да си дозволи да го доживува животот со полн капацитет. Учи како да поставува граници и како да го чува својот интегритет. Учи да расте, да се развива и да си верува на себе си. Учи како да биде уметник на сопствениот живот.

Кристијан Павловски

Психолог/Супервизор на Линијата за родители

Текстот изворно е објавен на порталот „Мајка и дете“.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во