Семеен тим билдинг

Детето со раѓањето не добива право на мобилен телефон и не е обврска на родителот да му обезбеди мобилен телефон, туку тоа е избор на родителот и треба да биде негова свесна и добро промислена одлука. Зборувајте за ова на „семејните состаноци“.

Живееме во време кога сите сме повеќе или помалку залепени за телефонот, да имаш телефон стана подеднакво важно како да имаш и четкичка за заби. Иако телефонот многу често најмалку го користиме за јавувања, туку почесто за играње игрици, да бидеме дел од социјалните мрежи, за сликање…и за ред други работи кои подразбираат виртуелна реалност.

Живееме во едно сајбер време, опкружени сме со технологија, време кога се појави „nature deficit disorder“, време на мултитаскинг, време кога најмногу време, после спиењето, поминуваме пред телефоните, компјутерите, таблетите.  Какво е влијанието и на родителите и на децата доколку мобилните телефони, телевизорот, компјутерите се користат на некритичен и неодговорен начин? Како можеме да ги насочуваме децата кон здраво, умерено користење на технологијата, односно кон начин кој би бил конструктивен, а не деструктивен за нив?

Често пати ќе слушнеме дека ете денес времето во кое живееме е такво и дека не може да ги избегнеме мобилните телефони. Но сепак, времето во кое живееме, денешницата, е поддржана од сите нас, ние сме тие што ја креираме.  Сечија одговорност е да прави селекција кога, колку и за што може да се користат електронските уреди ( мобилните телефони, таблетите, компјутерите, телевизорите) и одговорноста се однесува и за самите нас, но особено за малите деца и тинејџерите.

Детето со раѓањето не добива право на мобилен телефон и не е обврска на родителот да му обезбеди мобилен телефон, туку тоа е избор на родителот, треба да биде негова свесна и добро промислена одлука. Информациите кои доаѓаат со нив и целата виртуелна реалност која ја носат, е толку лесно достапна за сите нас, како никогаш досега во човечката историја. Но се поставува прашањето, дали тоа што ни е достапно значи и дека ни е потребно? Дали е корисно или штетно за нас ќе зависи од начинот на кој ги користиме овие уреди, од нашиот пристап и свесноста на кој начин тие влијаат врз нашето секојдневно живеење.

Сигурно многу од нас си ги поставуваат прашањата, што се случува со концентрацијата на детето, како телефонот влијае врз неговото внимание, како влијае на развојот на неговиот мозок, како влијае на развој на неговите социјални вештини, како влијае на креативноста и снаодливоста, моториката, свесноста за телото… итн. Родителите честопати ќе речат – знам дека треба да ја ограничам употребата на електронските уреди, но не знам како да ја добијам оваа битка?

Секако дека употребата на технологијата сама по себе не е лоша, може да биде забавна, да информира и да помогне да се развијат вештини доколку се користи совесно, но прекумерната употреба може да создаде сериозни проблеми.  Бидете грижливи и одлучни, планирајте како ќе се поставите за да ги превенирате идните проблеми и вклучете ги децата во откривање на начини за здраво и одговорно користење на мобилните телефони.

Препораки за родителите –  како да го превенирате проблемот?

  1. Доколку не сакате детето да биде со мобилниот телефон, бидете одлучни и кажете му „не“ и известете го кога и на кој начин може да го добие. Детето има право да се бунтува, да негодува, да преговара и бидете свесни како вие реагирате кога детето почнува да се „лути“ или почнува да се „досадува“.
  2. Почнете да практикувате „семејни состаноци“. Се препорачува да се одржуваат еднаш неделно, секогаш во исто време и трањето да биде од 15 до 45 минути. Тоа е одлична прилика да зборувате за мобилните телефони, да ги информирате децата за зависноста која ја создаваат, за нивното штетно влијание, да им објасните заради што сте загрижени и зошто сакате да го ограничите времето. Исто така, зависно од возраста на детето, ќе договарате и ќе креирате рутина на користење на телефоните, колку и кога и што ќе биде дозволено. Името на средбата може да го смените и наместо „семејни состаноци“ нека биде „време за разговор“ или „тим билдинг“ или како и да одлучите да се вика, ова време ќе биде резервирано за разговор за секојдневното живеење на семејството.
  3. Дали сте загрижени дека вашето дете ќе ви се налути доколку не му го давате телефонот? Честопати имаме проблем да ги одржиме поставените граници со децата бидејќи и самите не знаеме како да се справиме со лутината и тагата, не дозволуваме да биде присутна ниту кај нас, ниту кај децата, и ќе направиме сè за да ја избегнеме. Децата честопати ќе почувствуваат дали можат да нè манипулираат со овие емоции, чувствуваат кога може да ве натераат да ги сожалувате и секако дека ќе го искористат тоа за да добијат тоа што го сакаат. Се случува да имаме идеја дека доколку нашето дете ни се налути нема да не сака, и ќе направиме сè само детето да биде секогаш среќно и задоволно, без разлика дали тоа долгорочно ќе има штетни последици. Обидете се да одолеете на искушението дека е ваша задача да го заштитите детето од преживување на животните фрустрации.
  4. Живееме во време кога децата навикнаа некој да ги забавува. Телевизорот и мобилните ја имаат оваа улога додека децата пасивно седат и гледат или играат видео игри.  Дали сметате дека доколку детето се досадува, вие сте тие што треба да го забавувате? Дали го оставате само да го реши овој проблем на досада ? Прашајте го детето – Како мислиш да го решиш својот проблем? Ако каже не знам, немојте веднаш да му одоговрите, туку можете да му кажете дека ќе му оставите простор да размисли и дека верувате во него – верувам дека ќе смислиш нешто. Сочувствително сослушајте што има детето да ви каже, но не се обидувајте вие да го решите проблемот – „Те разбирам и мене ми е понекогаш здодевадно“.

Ако детето продолжува да настојува, продолжите да го слушате и покажете разбирање без да прифаќате некаква обврска. Се очекува на крај на детето да му здодеат неуспешните обиди да ве натера да се занимавате со неговиот проблем. Можете да го потсетите на листата со активности опишана во следната препорака. Повторно, обидете се да одолеете на искушението дека е ваша задача да го заштитите детето од преживување на животните фрустрации.

  1. На еден од семејните состаноци, заедно со децата смислете што повеќе идеи што би можеле да прават кога им е здодевно. Секое дете нека си направи листа на активности кои сака да ги прави и нека ја стави на видно место каде што ќе може да ја дополнува и да се потсетува. Кога ќе се жали следниот пат можете да му кажете да ја погледне листата со идеи и да се потсети што сè сака да прави. Откако ќе се потсети со листата може да му понудите избор – „Можеш да продолжиш да се досадуваш или да избереш што ќе правиш. Верувам дека ќе го направиш тоа што е најдобро за тебе. “
  2. Ограничете го времето пред екраните и обидете се да го вклучите детето во домашните обврски и задачи. Кажете му на детето дека со радост ќе му покажете како се чистат прозорите или како се чисти рерната за да не му биде здодевно (или вклучете го во која било друга домашна активност).
  3. Повремено седнете и гледајте програми, играјте игрици со своите деца, наместо само да им забранувате да гледаат/играат нешто што не ви се допаѓа. Разговарајте за она што го гледаат, што им се допаѓа, што не им се допаѓа и што мислат за тоа, бидејќи така и се развива критичното мислење.
  4. Обратете внимание на сопственото однесување – доколку вие го поминувате вашето време пред телефон, телевизор или лаптоп, тешко ќе го натерате детето да не го прави истото. Бидете свесни дали е честопати и за вас предизвик да го оставите мобилниот телефон, да се занесете и да имате чувство дека ви летнало времето. Доколку можете да ја доживеете моќта на овие уреди, колку се силни ефектите и знаете колкав предизвик е и за нас возрасните некогаш да се одлепиме од нив, замислете колкава тешкотија може да има детето, кое е комплетно обземено, буквално маѓепсано, кое нема веќе доживување ни за време ни за простор, кое не ги чувствува потребите на телото и не ги развива своите сетила,  ниту пак има интерес за комуникација со другите луѓе.
  5. Одредете еден ден од неделата или барем два пати во месецот кога никој во семејството нема да користи телефон или каков било екран-уред и видете што можете да научите од тоа искуство. Споделете со другите членови од семејството како беше тоа за вас и побарајте да ги слушнете и децата.

Децата ќе научат дека самите треба да водат сметка како ќе го исполнат своето слободно време. На другите може да им се обратат кога им треба емотивна подршка, инспирација и разбирање, но на крајот тие се оние кои ќе се оспособат да се грижат за себе и од мали нозе ќе почнат да освојуваат вештини за самодоверба. Со одговорно користење на современата технологија, животните вештини кои децата можат да ги научат се многубројни, ќе развиваат креативност и  снаодливост, ќе стекнуваат самодоверба и самодоволност, ќе развиваат емпатија и комуникациски вештини.

Можат да научат дека досадата може да биде предуслов за креативност и да води до некои нови и возбудливи активности. Во спротивно, секогаш кога ќе се соочат со ова доживување на досада ќе побараат некој од надвор да им го реши проблемот и со тоа развиваат тенденција за наклонетост кон зависности. Да ги разбереме своите деца, себеси и времето во кое живееме, но и да ја препознаеме разликата помеѓу интерес и зависност, да станеме свесни каде и како го трошиме нашето време, нашето внимание и да ја прифатиме нашата одговорност во креирање на денешницата.

Текстот изворно е објавен на мајкаидете.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и гешталт психотерапевт (супервизор на линијата за родители)
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости