На 2 декември во хотел Меркур во Тетово, тимот на Националната мрежа заедно со локалната партнерска женска организација Кортекс-Психотерапија и советување, одржаа заедничка работна средба со советничките од општина Тетово.
Во првиот дел од средбата беше презентирана состојбата со насилството врз жени и семејно насилство во Полошкиот регион, односно наодите од анализата што ја спроведе Кортекс, а која беше промовирана во мај оваа година.
По презентацијата се отвори дискусија за можностите за обезбедување на одржливост на Советувалишниот Центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство- Женски Центар за поддршка Тетово, кој се отвори во декември 2021 година со финансиска поддршка на Балканскиот фонд за демократија и Кралската амбасада на Норвешка во Белград, како и Словачката амбасада во Скопје. Имено, Женскиот центар за поддршка во Тетово е првиот специјализиран сервис од ваков тип во Полошкиот регион во кој се обезбедуваат услуги за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство.
Дополнително во текот на дискусијата советничките беа запознаени со законските можности и обврски кои ги има локалната самоуправа во однос на воспоставување и обезбедување одржливост на специјализирани сервиси за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство. Заеднички беше договорено дека првиот чекор е вклучување на оваа ранлива категорија во програмите за социјална заштита на општините.
На средбите беа презентирани и финансиските средства кои се потребни да се обезбеди одржливост на еден советувалишен центар во времетраење од една година.