Храбри разговори за препознавање и превенција на насилството во училиштата

Во СОУ „Перо Наков“ во Куманово и СУГС „Арсение Јовков“ во Скопје се одржаа две работилници под наслов „Храбри разговори: како да се препознае и спречи насилството“, на кои учествуваа вкупно 69 учесници –наставници, психолози, педагози и други стручни лица од училиштата. Работилниците отворија простор за разговор за насилството кај младите, за начините на негово препознавање и за потребата од навремена и соодветна реакција.

Во фокусот беа родово базираното насилство, неговите различни форми и начините на поддршка и заштита. Посебно внимание беше посветено на дигиталното насилство, онлајн вознемирувањето и сајбер булингот, како сè почести ризици со кои се соочуваат младите. Учесниците разговараа и за правната заштита, улогата на училиштата и институциите, како и за потребата од појасни механизми за упатување и поддршка.

Во Куманово, учесниците отворија важна дискусија за врсничкото насилство, насилството во семејството и ризиците со кои се соочуваат младите, вклучително и случаи на малолетни девојчиња изложени на повеќекратни форми на насилство. Беше нагласена и потребата од посилна соработка со центрите за социјална работа, полицијата и другите локални институции.

Во Скопје, стручните лица го посочија специфичниот социо-економски контекст во кој живеат и учат многу од учениците, што влијае врз нивната исцрпеност, намалена концентрација и потешкотии во комуникацијата. Како најчести предизвици беа издвоени булингот и дигиталното насилство, како и ограничената вклученост на родителите.

Од двете работилници јасно произлезе потребата од редовни активности со ученици, подолгорочна поддршка за училиштата и посилна координација со специјализираните сервиси и институции. Учесниците изразија интерес за идни работилници што директно ќе ги вклучат младите и ќе понудат повеќе практични содржини за безбедност, препознавање на насилство и начини на заштита.

Овие работилници беа реализирани во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Доста е со реакции по трагедијата – Државата мора итно да преземе сеопфатни мерки да ги заштити децата од насилство и да ја гарантира нивната безбедност

Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство апелира за итно разрешување на случaјoт во кој тринаесетгодишно дете е прободено со нож во Скопската

ЈАВЕН ПОВИК за превод и лектура на анализа

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува јавен повик за ангажирање фирма или индивидуални преведувачи/лектори за превод и лектура на анализа на