Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство активно учествуваше во регионалната кампања за превенција на фемицидот „Додека Смртта не нè раздели“ развиена во соработка со McCann и спроведена заеднички од партнерските организации од Западен Балкан во 8 балкански земји. Кампањата ја истакна регионалната димензија на ова прашање, испраќајќи силна порака за заедничка одговорност, јавна свест и прекугранична солидарност во спречувањето на најекстремната форма на насилство врз жените.
Во својата суштина, кампањата беше насочена кон тоа да ја отвори јавната дебата за фемицидот, да ја нагласи потребата од навремено препознавање и спречување на насилството врз жените и да потсети дека зад секоја статистика стои човечки живот, прекинат прерано.






Кампањата започна со teaser видеа и објави на социјалните медиуми, преку кои јавноста првпат беше запознаена со симболот на кампањата – впечатливиот црн фустан, специјално осмислен и изработен од дизајнерката Моника Коцарева. Фустанот, како централен визуелен елемент, претставуваше силен симбол на загубата, тишината и трагичните последици од насилството што завршува со одземен живот. Преку ова силно визуелно решение, кампањата успеа да предизвика внимание, емоција и размислување уште од самиот почеток.
Официјалното лансирање на кампањата се одржа на 17 ноември во Скопје, во Националната галерија Чифте Амам. Настанот беше реализиран во впечатлива и емотивна атмосфера, а централно место имаше сценскиот перформанс со актерката Тамара Ристеска, која го носеше симболичниот црн фустан. Пред присутните се обратија Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа, и Моника Коцарева, дизајнерка на фустанот, споделувајќи ја пораката и инспирацијата зад концептот на кампањата.
Настанот беше оценет како мошне успешен, а реакциите од публиката беа исклучително позитивни. Присутните го истакнаа силниот концепт на кампањата, но и емоциите што ги предизвика самиот перформанс.
По лансирањето, кампањата продолжи со засилено присуство во јавниот простор и на дигиталните платформи. Видеа и објави беа споделувани на социјалните медиуми, а кампањата беше видлива и преку јавни прикажувања на видео бимови, автобуски постојки, автобуси, како и преку огласи на интернет портали. На овој начин, пораката на кампањата допре до широка публика и овозможи темата за фемицидот да добие поголема видливост и јавен одек.
Севкупно, кампањата оствари 66.434 прегледи на различни платформи што покажува значаен досег и интерес кај јавноста. Но, уште поважно од бројките, кампањата успеа да отвори простор за емоција, препознавање и разговор за фемицидот како сериозен општествен проблем што бара јасен, гласен и заеднички одговор.

























