Справување со стрес кај родителите за време на криза

Минуваме низ период на пандемија, исполнет со неизвесност, страв, егзистенцијална грижа и социјална изолација.  Истовремено се соочуваме со исклучително тешка глобална криза и промени во сите аспекти на живеењето, кои ги чувствува секој од нас. Кога сте родител некако грижата за себе се наоѓа на едно од последните места на листата на приоритети. Но, грижата за себе не е луксуз, напротив таа е од особено значење во овој стресен период, кога децата се постојано дома. Домот за многумина стана одеднаш и работно место и училница, па потребата од трпение сега, е поголема од било кога.

Првото нешто што ќе биде корисно да го направите, колку и да звучи апсурдно, е прифаќањето. Тоа не значи дека ситуацијата во која се наоѓате треба да ви се допаѓа, тоа значи дека она што се случува го прифаќате како такво и не се борите против сите чувства кои ги имате, вклучувајќи ја лутината, тагата и фрустрацијата. Би користело доколку си го поставите прашањето што е, а што не е под ваша контрола, и потоа би можеле да го подобрите она што е во ваша моќ. Бидете нежни и со разбирање кон себе, намалете ги критериумите, ова не е време за перфекционизам. Ниту како родител, ниту како професионалец. Имајте на ум дека ќе има денови кога ќе треба да бидете задоволни со тоа што сте ги завршиле основните обврски, без да се притискате за она што не сте го завршиле.

Земете време само за себе во текот на денот, петнаесет минути бидете сами, прошетајте надвор, читајте нешто или едноставно седнете на некое тивко место и медитирајте. Може да го замолите вашиот партнер или некој од возрасните членови со кои живеете да се погрижат за децата во тој период кој ќе биде само за вас.

Бидете сигурни дека јадете здраво, обидете се да спиете доволно и создадете рутина што вклучува физичка активност. Направете структура на денот запишувајќи ги активностите кои ги имате тековно, како и приоритетот на нивното извршување. На тој начин ќе направите добро менаџирање на времето, предвидливост и ќе си го намалите стресот од пренатрупаност со обврски.

Ова е период кога анксиозноста е зголемена кај голем број луѓе, па затоа обидете се да се дистанцирате од оние кои кажуваат само најлоши сценарија, имаат панична и преголема загриженост. Ограничете го времето на социјалните мрежи и гледањето вести на петнаесет минути во текот на денот, а доколку почувствувате анксиозност кај себе, применете ја техниката на абдоминално дишење која помага во смирување на вознемиреноста на телото и умот. Седнете удобно на стол на некое тивко место со рацете слободно ставени на вашите нозе, затворете ги очите и концентрирајте се на вашето дишење. Вдишувајте полнејќи го најпрво стомакот, а потоа градите и бројте во себе до 4. Потоа задржете го воздухот повторно броејќи до 4, па издишете броејќи до 8. Обидете се да издишувате дупло подолго од времето на вдишување. Правете го ова околу 3 минути и ќе забележите како напнатоста полека поминува.

Потсетете се кои активностите ве прават среќни. Можеби некое хоби за кое сте немале време претходно или учење на нешто ново што одамна сте сакале да го започнете. Доколку имате мали деца и не можете да одвоите толку време за себе, тогаш одберете некоја забавна активност која може да ја правите заедно како цртање, танцување, пеење, месење или правење фигури од тесто.

Грижата за другите може да ги исцрпи нашите ресурси, затоа не заборавајте да се грижите и да сте љубезни кон себе. Истото ќе ви помогне да останете смирени во овој период и ќе го зголеми вашиот капацитет да бидете тука за потребите на членовите на семејство, особено и на прво место за вашите деца.

Ова се времиња кога треба да бидете реални во очекувањата од себе како родител, и запомнете дека давате сѐ од себе да го правите тоа најдобро што можете.

Авторка: Александра Стојановска, психолог во едукација за семеен и системски советник, операторка на Линијата за родители

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат

Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува.

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: