Ниту едно дете не смее да биде изложено на насилство додека е под државна грижа!

Изразуваме длабока загриженост по повод објавените информации за сексуално насилство врз малолетно дете од установа за згрижување во Скопје. Случајот отвора сериозни прашања за институционалната одговорност, безбедноста на децата под државна грижа и ефикасноста на системот за превенција и заштита од насилство. Прв приоритет е безбедноста на детето. Бараме веднаш да му се обезбедат безбедно сместување, здравствена грижа, специјализирана психолошка и правна поддршка, како и долгорочна поддршка за закрепнување. Секое постапување мора да биде во најдобар интерес на детето, со целосна заштита на неговиот идентитет и со координација меѓу службите за да се избегне непотребно повторување на исказот. Од полицијата и обвинителството очекуваме брзо и темелно утврдување на фактите.

Кога државата презема грижа за едно дете, таа презема одговорност и за неговата безбедност. Превенцијата почнува со тоа секое дете да има возрасен на кого му верува, да знае каде може безбедно да пријави насилство и да добие помош веднаш штом се појави ризик. За тоа се потребни обучени тимови, редовни проценки на ризикот и јасни обврски за постапување, вклучително и кога дете ќе се оддалечи од установата.

Недоволната достапност на специјализирани услуги за лицата кои преживеале насилство е системски проблем. Државниот завод за ревизија укажа на недостиг од кадар во центрите за социјална работа, а ГРЕВИО побара соодветна географска распределба на специјализираните услуги за жени кои преживеале насилство. Децата и жените мора да можат да добијат стручна поддршка без оглед на тоа каде живеат.

Од надлежните институции бараме да преземат три конкретни чекори.

  1. Да го проверат институционалното постапување во овој случај. Надлежното министерство да утврди кога установата и службите дознале дека детето се оддалечило, како го процениле ризикот и кои мерки ги презеле. За утврдените пропусти да се преземат мерки, а јавноста да биде информирана за нив со целосна заштита на приватноста на детето.
  2. Да воспостават редовна превенција во установите за згрижување. Секое дете да има назначено лице на кое може да му се обрати и доверлив начин да пријави насилство. Установите, центрите за социјална работа, полицијата и здравствените служби да имаат јасни одговорности за навремена проценка на ризикот, итно постапување и следење на случајот.
  3. Да обезбедат достапни и стабилно финансирани сервиси за деца и жени кои преживеале насилство. Владата да објави план со рокови и буџет за регионално достапна специјализирана поддршка, вклучително и сервиси за сексуално насилство, итна здравствена грижа, безбедно сместување и долгорочна психосоцијална и правна помош. Услугите за деца мора да бидат приспособени на нивната возраст и потреби.

Ги повикуваме медиумите да известуваат со почит кон достоинството на детето и да се воздржат од објавување детали по кои може да се препознае. Од институциите очекуваме конкретни мерки, јасни рокови и одговорност за нивното спроведување.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат

Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува.

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: