На 17 април 2026 година се одржа 14-то годишно Собрание на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. На Собранието присуствуваа претставници и правни застапници од 16 организации членки.
Во рамки на Собранието, извршната директорка Елена Димушевска го презентираше Годишниот наративен извештај за 2025 година. Извештајот беше едногласно усвоен од присутните членки. Во дискусијата беше истакнато дека во изминатата година се постигнати значајни резултати, особено преку работата на советувалиштата, опфатот на кориснички и бројот на обезбедени услуги. Беше нагласена потребата овие резултати соодветно да се комуницираат во јавноста, со цел да се прикаже влијанието што Мрежата го има во системот на поддршка и заштита.
На Собранието беше презентиран и Годишниот финансиски извештај за 2025 година, кој исто така беше едногласно усвоен. Членките ги разгледаа и усвоија новите интерни документи кои имаат за цел дополнително да ја зајакнат организациската поставеност, транспарентноста и етичкото работење на Мрежата. Усвоени беа Финансиско-административниот правилник и Политиката за обезбедување заштита, безбедност и етично постапување.
Во рамки на Собранието беа усвоени и статутарни измени со кои се поедноставува и зајакнува внатрешното управување на организацијата. Дополнително, членките беа информирани дека Управниот одбор има подготвено и усвоено Деловник за работа, кој ќе ја уредува неговата понатамошна работа.
Беше презентиран и Работниот план за 2026 година, во кој беа опфатени тековните проекти, планираните активности и аплицираните проектни иницијативи. Дополнително, беше најавен процесот за подготовка на нов петгодишен стратешки план на Мрежата, кој ќе се реализира во рамки на проектната соработка со Kvinna till Kvinna.
Годишното Собрание претставува важен простор за заедничко информирање, носење одлуки и утврдување на насоките за понатамошната работа на Мрежата. Преку активното учество на организациите членки, Националната мрежа продолжува да ја зајакнува својата улога како платформа за координирано делување, застапување и унапредување на системот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
Оваа активност е организирана во рамки на проектот „СЕ ГРИЖИМЕ: Заедно се бориме против сексуалното и родовото насилство“, поддржан од Европската Унија.











