Студиска посета во Виена за јакнење на институционалниот одговор против родово базираното насилство

Во периодот од 2 до 4 јуни 2025 година се одржа студиска посета во Виена, организирана во рамки на проектот „СЕ ГРИЖИМЕ: Заедно се бориме против сексуалното и родовото насилство“, поддржан од Европската Унија.

Студиската посета беше спроведена од партнерската организација ХЕРА, а во нејзината организација беше вклучена и европската мрежа WAVE (Women Against Violence Europe), со поддршка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Во посетата учествуваа претставници на женски организации, јавни обвинители и претставник од Комисијата за заштита од дискриминација од Северна Македонија, со цел размена на знаења и искуства за австриските практики во справувањето со родово базирано насилство, со посебен фокус на сексуалното насилство и вознемирувањето.

Посетата започна со средба во Федералното министерство за жени, наука и истражување на Австрија, каде учесниците беа запознаени со националните политики и координациските механизми за борба против насилството врз жените. Претставен беше новиот Национален акциски план за насилство врз жените, кој се развива преку инклузивен процес со учество на институции, експерти и граѓански организации.

Во текот на вториот ден делегацијата ги посети специјализираните сервиси за жени во Виена, вклучувајќи го Центарот за заштита од насилство и Советувалиштето за сексуално насилство врз жени. Беше претставен проактивен пристап ориентиран кон жртвите, кој вклучува автоматски упати од полицијата кон центрите за поддршка, како и задолжителни програми за сторителите.

Особено внимание привлече примерот на Gewaltambulanz – Клиника за насилство, која обезбедува 24-часовни судско-медицински прегледи достапни бесплатно и анонимно за жртвите на насилство. Оваа услуга овозможува чување на форензички докази дури и кога жртвата не е подготвена веднаш да поднесе пријава, што значително го подобрува пристапот до правда.

Делегацијата ги посети и Јавното обвинителство во Виена и Министерството за правда, каде се дискутираше за законските решенија за сексуално и онлајн насилство, вклучително и мерките против онлајн вознемирување и злоупотреба на интимни содржини. Посебно беше нагласена важноста на бесплатната правна помош и психосоцијалната поддршка за жртвите.

Последниот ден беше посветен на средба со Полициската управа на Градот Виена, каде беа презентирани механизмите за итна заштита, процедурите за издавање забрана за приближување и начинот на собирање форензички докази во случаи на сексуално насилство.

Студиската посета претставуваше значајна можност за размена на добри практики и зајакнување на институционалната соработка во борбата против родово базираното и сексуалното насилство. Австрискиот модел, заснован на координација, специјализација и пристап ориентиран кон жртвите, нуди важни насоки за понатамошниот развој на политиките и системот за заштита во Северна Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат

Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува.

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: