Разговор со Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
Во време кога дел од европските држави размислуваат за повлекување од Истанбулската конвенција, а бројот на фемициди расте и во регионот и во Македонија, прашањето за системската заштита на жените станува сè поитно. Во интервју за „Студио 10“, Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, предупредува дека насилството врз жените сè уште не се третира како вистински државен приоритет.
„Истанбулската конвенција не е симболичен документ – таа е рамка што точно кажува како се штитат жртвите, како се казнуваат сторителите и како се превенира насилството. Кога државите се повлекуваат или не ја имплементираат, пораката е јасна: животите на жените не се доволно важни“, истакнува Димушевска.
Иако Македонија ја ратификуваше Конвенцијата во 2017 година, а таа стапи на сила во 2018, имплементацијата, според неа, останува сериозно проблематична. Националните акциски планови се усвојуваат без обезбедени финансиски средства, а државата се потпира на донаторска поддршка за услуги кои, според Конвенцијата, треба да бидат системски и одржливи.
Статистиките дополнително алармираат. Официјалните податоци покажуваат околу 1.500–1.600 пријавени случаи на семејно насилство годишно, но истражувањата укажуваат дека тоа се само околу 2% од реалниот број случаи. „Тоа значи дека огромен број жени живеат во насилство без никаква институционална поддршка“, вели Димушевска.
Особено загрижувачка е состојбата со специјализираните услуги. На национално ниво постојат околу 60 кревети во шелтер-центри – бројка далеку под минималните стандарди на Советот на Европа. Дополнително, моделот на затворени и изолирани шелтери, каде жените се отсечени од секојдневниот живот, образование и работа, одамна е напуштен во многу европски земји, но сè уште е доминантен кај нас.
„Жената не смее да биде казнета затоа што побарала заштита. Таа не треба да го стави животот на пауза за да биде безбедна“, нагласува Димушевска, укажувајќи на потребата од отворени, поддржувачки и достапни сервиси во сите региони, особено во руралните средини.
Во интервјуто, таа се осврна и на културата на обвинување на жртвите, која и понатаму е силно присутна во јавниот дискурс. „Наместо да се прашаме зошто некој врши насилство, ние постојано прашуваме што направила жртвата. Со тоа директно го оправдуваме насилството“, вели таа, додавајќи дека ваквите ставови се сериозна пречка за пријавување и превенција.
Иако законската рамка во Македонија е значително унапредена – вклучително и препознавањето на убиството на жена како последица на родово базирано насилство – проблемот останува во примената. Недоволната едукација и сензибилизација на професионалците, субјективните процени и недоследната примена на законите директно влијаат врз безбедноста на жртвите.
„Не можеме засекогаш да се потпираме на кратки обуки. Родово базираното насилство мора да стане дел од формалното образование – од факултетите до полициската академија“, потенцира Димушевска.
На крајот, таа испраќа јасна порака: борбата против насилството врз жените не смее да биде кампањска или декларативна. Таа бара континуирана политичка волја, финансиски вложувања, функционални услуги и општество што ќе престане да молчи и да ја префрла вината врз жртвите.
Целиот разговор може да се погледне на ова видео:
Преземено од ТВ24.



