Во случај на семејно насилство и во случај кога има заеднички деца, на сторителот привремено ќе му биде забрането гледање на децата, се вели во член 31 од Истанбулската конвенција, потсетува Елена Димушевска од Националната мрежа за насилство против жени во вечерашната дебата во „Топ тема“ посветена на семејно насилство и родово базирано насилство.
„За нас е важен и често го споменуваме, но Центарот за социјална работа решава да го игнорира. И министерството и цела држава. Ние имаме парадоксална ситуација. Изрекуваме привремени мерки за забрана за доближување кон жртвата. И истиот тој сторител кој што не смее да се доближи до жртвата треба два пати во неделата и секој втор викенд да си зема децата од кај жртвата. Значи, ние му викаме „ти не смееш да ѝ се доближуваш ама ќе се доближуваш оние денови кога ќе ти кажеме да одиш да ги земаш децата“. Родителското право во нашата држава е ставено како приоритет над сите други апсолутни права – и правото на човекот да живее без насилство и правото на детето да живее без насилство“, вели Димушевска.
Таа нагласи дека „татко кој врши насилство врз својата партнерка, мајка на нивните заеднички деца не може да биде добар родител“.
Во продолжение е целата емисија на „Топ тема“:



