Дали постои безбедна жена во државава?

Случаите на родово-базирано насилство и неговиот најлош исход – фемицидите и (не)постапувањето и несоодветното однесување на одговорните институции

Нормализирањето и релативизирањето на случаите на родово-базирано насилство последниве неколку месеци, наспроти реалната слика дека тоа носи огромни последици за едно општество и за неговите жители, навистина ја зголеми и онака лошата состојба со културата на насилство во оваа држава. Големиот број наслови низ медиумите за насилство врз жени изминатиов период навистина беа вџашувачки и фрустрирачки, што придонесе поголемиот дел од времето свесните луѓе во моето опкружување да ја повторуваат истата реченица „Каде живееме?“ И навистина, тоа е сосема легитимно прашање кога се работи за сопствената безбедност.

А уште полегитимни прашања се „Каде да пријавам, како да постапам, кој ќе ми помогне ако сум нападната, истепана, силувана?“ За жал, одговорот не е секогаш јасен и очигледен (а треба да биде) и тоа се потврди со однесувањето на оние што треба да реагираат соодветно, надлежните институции за правда и заштита во една држава.

Полиција или медијатор?

Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“, вели дека полицијата е на првата линија кога треба да се прими пријава или да се постапи во овие случаи и според нивните законски обврски тие се задолжени да ја направат процената на ризик што е од најважно значење за понатамошното постапување и преземањето на идни мерки и активности.

„Имаме случаи што најчесто се жалат на овој дел, односно неправењето на соодветна процена на ризик. Начелото на итност во постапувањето, несоодветно направена процена на ризик, ревиктимизација на жртвата со сето она што се соочиле жртвите кои пријавиле во полициска станица. Многу често полициските службеници се ставаат и во улога на медијатори, на помирувачи и знаат да ја релативизираат случката и/или заканата. Исто така, треба многу да се работи на едукација и сензибилизирање на полициските службеници. Лично сметам дека едукацијата од најмали нозе е основа за градење на вакво општество. Дополнително, од нашите последни истражувања, нашата држава најмалку активности спроведува на полето на превенција. Кампањи за подигнување на јавната свест, споделување на информативни материјали се навистина потребни, но многу важна алатка во овој дел се и обуките (и почетни и континуирани) и сензибилизирањето на сите професионалци, а во прва линија лицата кои работата во центрите за социјална работа, полициските службеници, а потоа здравствените работници, учители/наставници и професори, како и вработените во правосудството“, вели Аврамоска Нушкова.

Имавме случај кога една жена пријавила насилство во полициска станица што го извршил нејзиниот поранешен сопруг (со кого е разведена и имаат две малолетни деца) и полициските службеници не го препознаа тоа како семејно насилство. Пријавата не се процесираше понатаму и таа беше заведена како поплака.

Нема посебно кривично дело фемицид

Последните две анализи на „Глас против насилство“ за фемицидите во Македонија покажува дека за периодот од 2008 до 2020 година се извршени најмалку 50 фемициди. Според истражувањето на Организацијата на Обединетите нации за дроги и криминал (UNODC), објавено во 2019 година (кое е единствено истражување што обезбедува статистика за бројот на убиства на жени на глобално ниво), шест од десет жени во светот (58%) се намерно убиени од интимен партнер или друг член на семејството. Фемицидите се најтешката форма на насилство врз жени и девојчиња.

Според Аврамоска Нушкова, проблемот за неговото дефинирање и препознавање сепак е системски.

„Причините се наоѓаат во историски нееднаквата дистрибуција на моќ помеѓу мажите и жените, во системската родово заснована дискриминација, како и во патријархалните вредности и традиции што се применуваат во нашето општество. Непостоење на законска рамка што промовира родова еднаквост и/или нејзино неимплементирање придонесува кон нееднаков пристап на жените и мажите до образование, здравствена заштита, социјална заштита, платена работа, стекнување со имот, финансии и многу други сфери. Првично, мора да се инкриминира нешто, за да биде препознаено. Односно, почнувајќи од промена и дополнување на националната легислатива за препознавање на овој тежок вид насилство, како и на собирање на статистички податоци за него. Јасно и прецизно дефинирање на сите форми на родово засновани убиства на жени“, вели таа.

Таа додава дека, според наодите што ги добиле од последната анализа (2017-2020), евидентно е дека сепак има поажурно постапување на органите на прогонот и на судовите.

„Имено, во однос на времетраењето на судската постапка, кај четири од предметите имало признание од страна на сторителите и постапките се завршувале во период до три месеци. Споредено со наодите од претходната анализа (2008-2016), се бележи мал напредок во итноста на постапките, односно првата анализа покажува дека постапките траат од 3 до 20 месеци, при што подолги беа само тие каде што сторителот има нарушено ментално здравје и е потребно вештачење од стручно лице“, вели Аврамоска Нушкова.

Повеќе на оваа тема може да прочитате на Портрет.

Преземено од Портрет.дигитал.

Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати новости

Жените пријавуваат насилство, институциите не постапуваат, а механизмите за превенција се уназадуваат

Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува.

УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско

Конкурс за проектна координаторка

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објавува конкурс за проектен/на координатор/ка за потребите на Извршната канцеларија. Опис на позицијата и работни задачи: