На Меѓународниот ден на жената 8 Март, се одржа марш под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“ кој почна од плоштадот „Филип Втори“, а го организираше Платформата за родова еднаквост. Учесниците на маршот во рацете носеа транспаренти на кои беа испишани пораки „Не сакаме тава, сакаме правда“, „Денеска марш, утре штрајк“, „Држава што не постапува е држава што убива“, „Жените наследуваат само 12% од имотот“…
„Да се биде жена во Македонија е да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш дали ќе го преживееш тој ден. Во 2023 година жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата“, изјави Ана Аврамоска-Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Таа рече дека во државата постои општа апатичност да се признае јасно дека жените не се слободни и не се безбедни.
„Станува збор за колективна негрижа како и дали жените ќе преживеат овде, оставени сами на себе. Тие се жртва на системот. Време е да кажеме, доста е“, изјави Аврамоска – Нушкова.

Преземено од Мета.мк



