Во хотел Меркур во Тетово беше реализирана редовната средба на Центарот за развој на Полошки плански регион, на која присуствуваат сите градоначалници од општините во овој регион. По барање на партнерската организација ЦОРТЕКС од Тетово, прашањето за обезбедување одржливост на Женски центар за поддршка Тетово беше една од точките на дневен ред на оваа средба.
Кратко обраќање имаа претседателката на ЦОРТЕКС, Сема Халили и извршната директорка на Националната мрежа, Елена Димушевска. Тие ги споделија наодите и препораки од спроведената „Анализа на состојбата со пристапни достапни специјализирани сервиси за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство во Полошки плански регион“ , како и услугите кои се нудат во Женски центар Тетово заедно со бројот на жени и деца кои побарале помош. Пред градоначалниците беше презентирана и финансиската рамка за обезбедување одржливост на центарот, преку партиципативен пристап во кој би биле вклучени сите општини од Полошки регион. Во дискусијата која следеше, беа спомнати и обврските кои ги има локалната самоуправа согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.
Главниот заклучок од оваа средба беше дека иако општините сакаат да работат на подобрување на социјалните услуги и унапредување на заштита на жените и децата жртви на семејно насилство, сепак незавршениот процес на децентрализација ги лимитира во одвојувањето на финансиски средства. Дополнително беше нагласена и моменталната состојба со буџетите на сите општини во овој регион кои имаат долгови и блокирани сметки, кои пак го отежнува редовното функционирање на општините. Како идни чекори беше договорено да се разгледаат предложените финансиски рамки за партиципативност на сите општини за што би се дискутирало на следната регионална координативна средба на градоначалниците.





