Фемицидите, односно убиствата на жени и девојчиња, се една од главните причини за за прерана смртност на жените на глобално ниво и претставуваат најекстремна форма на насилство врз жени. Фемицидите се глобален проблем, кој е препознаен од меѓународната заедница уште пред 25 години
Како најекстремна форма на насилство, фемицидите претставуваат закана за безбедноста на жените низ целиот свет. Иако се јавуваат во различни контексти, како последица на интимно партнерско и семејно насилство, сексуално насилство, вооружен конфликт или заради т.н. зачувување на честа на семејството („убиства во име на честа“), сепак главните причини се нееднаквата распределба на моќ помеѓу мажите и жените и длабоко вкоренетите патријархални вредности, дури и во развиените земји.

Целта на оваа анализа е да ја покаже состојбата со убиства на жени и девојки во Република Северна Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, а е продолжување на првата Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Македонија спроведена од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, со техничка и финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Наодите добиени од анализата ќе бидат искористени за развивање препораки за унапредување на системот на превенција и заштита на жените жртви на родово базирано и семејно насилство, што ќе придонесе и за превенирање на случување фемициди како последица од долгогодишна изложеност на интимно партнерско и семејно насилство.
Анализата на случаи на фемициди – Убиства на жени во Република Северна Македонија за периодот од 2017 – 2020 година може да ја најдете тука.
Оваа анализа е реализирана со поддршка на проектот на германската влада „Подобрување на националните практики во врска со мало и лесно оружје и градење заедници отпорни на насилство“ спроведуван од УНДП.



