Денес во просториите на социјалниот клуб Комитет се одржа презентација на наодите од тематскиот извештај на тема „За кого интернетот е безбедно место? Родово засновано насилство во онлајн просторот“ подготвен од младите истражувачки Неда Петковска и Васка Лешкоска.
Постоењето на зголемен интерес за унапредување на знаењата кај општата популација за насилството врз жените и сите негови форми, го потврди големиот број на апликации кои пристигнаа по отворањето на повикот за млади истражувачи за подготовка на тематски извештаи за прашања поврзани со насилството врз жените.
Темата на онлајн родово базирано насилство е многу малку покриена со истражувањата и анализите кои ги спроведуваат граѓанските организации во нашата држава, па токму и поради тоа беше избрана ова тема предложена од тимот на млади истражувачки.
Извештајот опфаќа анализа на состојбите поврзани со онлајн родово базираното насилство и потребата од измени и дополнувања на законската рамка, како основа за унапредување на системот на заштита и казнување на сторителите. Особено внимание е посветено на случајот „Јавна соба“ преку детален приказ на сите случувања и известувања во период од една година.
Позитивни практики од другите земји во регионот и Европа, како и конечни заклучоци и препораки за подобрување се опфатени во третиот дел од овој извештај.
Клучните наоди покажуваат дека меѓународните стандарди не поставуваат експлицитна правна основа за дигиталното родово-базирано насилство, иако постои и е дефинирано во поновите прописи, како што се Истанбулската конвенција и генералната Препорака 35 на CEDAW.
Дигиталното насилство врз жените е препознаено како облик на родово-базирано насилство во домашното право, но се уште не е криминализирано во рамки на Кривичниот законик на РСМ.
Деталната анализа на случајот „Јавна соба“ покажа дека токму отсуството на хармонизирана законска рамка и дефиниција на дигитално родово-базирано насилство придонеле кон неказнување на сторителите на ваков вид насилство. Ова е особено случај доколку жртвите се полнолетни жени.
Сите жртви на „Јавна соба“ се жени и девојки. Сите сторители се мажи.
Сепак, во институциите „Јавна соба“ не беше третирана како отелотворување на родово-базирано насилство. Оттука, и казнувањето на сторителите е несоодветно, споро и сè уште неспроведено.
На ниво на Европа, проблемот со дигитално родово базирано насилство е горлива тема, а добрите практики претежно произлегуваат од активист(к)ите за женски и човекови права, научните истражувања и граѓанскиот сектор.
Целиот извештај може да го најдете на следниот линк.
Спроведувањето на оваа активност е во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“(The Kvinna till Kvina Fondation), а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.





