Програма за домување

Прва услуга за реинтеграција во Р. Северна Македонија за жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина.

Куќата за отворено домување е форма на поддржано живеење за жени жртви на семејно насилство, и е дел од моделот за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство.

Куќата за отворено домување е наменета за жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина и нивните деца. Во Куќата може да се сместат жени жртви на семејно насилство кои се во ризик од бездомништво, не можат да престојуваат во домовите на поширокото семејство, немаат финансиска можност да обезбедат безбедно домување за себе и своите деца, не се вработени или имаат многу ниски примања.

Жените жртви кои се сместуваат во Куќата не се во ризик од насилство од партнерот кој го вршел насилството, односно се разведени или разделени, и ризикот од насилство е надминат пред сместувањето во Куќата.

Какви услуги обезбедува Куќата?

Куќата за отворено домување обезбедува домување од 6 до 24 месеци, каде на корисничките и нивните децата им се достапни засебни соби за спиење и заеднички простории како кујна, трпезарија и дневен престој. Со престојот во Куќата се покриени сите режиски трошоци, трошоците за храна, лична хигиена, училишни потреби на децата, трошоци за лекување, како и трошоци за судски процеси и адвокатски услуги. За време на престојот корисничките добиваат советување и поддршка за остварување на социјални права, континуирано индивидуално и групно советување со психолог/ психотерапевт, правно советување и менторство и асистенција при вработување.

Повеќе за Куќата за отворено домување може да прочитате тука.

Куќата за домување е затворена во 2021г. Од јануари 2022г. започнавме со нов модел, односно поддршка за индивидуално домување за жените и децата жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина и им е потреба помош.

Индивидуалното домување опфаќа покривање на трошоци за закупнина, режиски трошоци и ваучери за храна и хигиена во период од најмногу 6 месеци.

Програмата за домување од 2020 до 2022 се спроведуваше со финансиска поддршка на Град Скопје. Од почетокот на 2023г. се спроведува преку Интервентниот Женски Фонд.