На 8 мај 2026 година, во Скопје, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ја промовираше Анализата за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство во Северна Македонија.
Настанот беше организиран во два дела, со цел клучните наоди и препораки од анализата да бидат претставени пред медиумите, институциите, меѓународните организации и граѓанскиот сектор.
Појадок со новинари и медиумски брифинг
Во утринските часови се одржа појадок со новинари, односно медиумски брифинг, на кој присуствуваа претставници на 13 медиуми, вклучително национални телевизии и портали.
На брифингот, експертките Неда Чаловска Димовска и Катерина Шапкова Коцевска ги презентираа главните наоди од анализата, со фокус на реалните трошоци за воспоставување, функционирање и одржување на специјализираните услуги за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство.
По презентацијата, беа дадени изјави за медиумите од страна на двете експертки, како и од Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа.
Промоција на анализата и панел-дискусија
Во вториот дел од настанот, наменет за претставници на институции, меѓународни организации и граѓански организации, повторно беа презентирани клучните наоди и препораки од анализата.
Главниот наод од анализата покажува дека државата треба да издвојува над 6.500.000 евра годишно за да обезбеди ефикасен систем за заштита, превенција и реинтеграција на жените жртви на насилство на национално ниво. Оваа сума претставува приближно 0,1% од националниот годишен буџет.
Во рамки на панел-дискусијата говореше проф. д-р Драган Тевдовски, редовен професор на Економскиот факултет и економски експерт, кој се осврна на важноста од целосно и предвидливо финансирање на специјализираните услуги како предуслов за ефикасно справување со насилството врз жените. Тој зборуваше и за можните начини за обезбедување вакво финансирање преку застапување и буџетско планирање со надлежните министерства.
Извршната директорка на Националната мрежа, Елена Димушевска, се осврна на процесот на лиценцирање на услугите за родово базирано и семејно насилство, како и на стандардите што давателите на услуги треба да ги исполнат. Таа истакна дека постојните стандарди се високи и бараат сериозни човечки, просторни, технички и финансиски ресурси, додека средствата што се добиваат по добивањето лиценца се недоволни и не покриваат ниту плата за едно вработено лице.
Потребна е нова методологија за пресметка на цената на услугите
Во дискусијата беше нагласена потребата од промена на методологијата според која се пресметува цената на чинење на социјалните услуги. Учесниците се согласија дека методологијата користена во презентираната анализа е соодветна и може да биде корисна основа за Министерството за социјална политика, демографија и млади при ревидирање на постојниот модел на финансирање и лиценцирање.
Целта е процесот на лиценцирање да не остане само формална постапка, туку да обезбеди реална одржливост на услугите што државата ги препознава и лиценцира. Само преку соодветно државно финансирање може да се изгради функционален систем за заштита, закрепнување и реинтеграција на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.
Дел од регионален процес
Анализата за Северна Македонија е дел од регионален процес во кој шест земји од Западен Балкан подготвија вакви анализи за трошоците на специјализираните услуги. Националните наоди ќе бидат сумирани во регионален извештај, кој ќе понуди поширок преглед на состојбите, потребите и можните модели за одржливо финансирање на услугите за жртви на насилство во регионот.
Настанот ја отвори клучната порака дека финансирањето на специјализираните услуги за жртви не е трошок, туку обврска на државата и неопходна инвестиција во заштита, безбедност, закрепнување и еднаквост.
Оваа активнност е дел од проектот „Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство II“, финансиран од Австриската агенција за развој (АДА) со средства на Австриската развојна соработка, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

















