Емоционална писменост кај децата

Поттикнати од јавувањата на родителите на линијата, кои се соочуваат со потешкотии во справување со емоциите на децата, ве охрабруваме да почнете да практикувате активности и игри кои ќе бидат фокусирани на емоциите и ќе ви помогнат да го подобрите односот со вашите деца, но ќе му помогнат и на детето подобро да се разбере себе си и другите околу себе.

Емоциите кај децата се разликуваат од емоциите на возрасните – кај помалите деца тие се едноставни, спонтани, со кратко траење и не се стабилни. Детето најчесто не знае да се воздржи во манифестацијата на емоциите кои вообичаено се со посилен интензитет. Изразувањето на емоциите е од големо значење за децата, било да е вербално или невербално, и постојат бројни начини да им се помогне во тоа, преку игри и активности.

Емоционалната писменост се однесува на способноста на препознавање, идентификација и диференцијација на сопствените емотивни состојби. Емоционалната писменост е основа на емоционалната интелегенција и децата преку истражување и препознавање на начинот на изразување на емоциите имаат можност да осознаат како да ги препознаат своите емоции и како да ги изразат, да разберат колку е важно да знаат како се чувствуваат другарчињата и да научат да му се помогне на некој кога е лут или кога е тажен или исплашен. . Емоционалната писменост придонесува детето да развива самодоверба и сигурност и да развива емпатија, дружељубивост и поврзаност со останатите.

Да ги охрабриме децата да ги изразуваат емоциите, не да ги потиснуваат. Да не заборавиме дека истото охрабрување често е потребно и за сите нас, за родителите, за воспитувачите, за сите кои сме во светот на „возрасните”. Бидејќи ние сме моделите од кои децата учат и без разлика што им зборуваме, тие гледаат што всушност правиме и како се однесуваме. Некогаш им го отежнуваме созревањето со тоа што сакаме секогаш да бидат среќни, не ги прифаќаме и не ги изразуваме сите емоции, како на пр. тагата и ги негираме „тешките емоции” како стравот или лутината. Но детето ќе се соочува со различни емоционални доживувања и најдобриот начин на кој ќе научи да се носи со истите е преку моделите кои го опкружуваат, со искреноста на родителите во изразувањето на сопствените емоции.

Важно е детето да научи дека може слободно да изразува емоции и за да израснеме среќни деца потребно е да ги поддржиме во процесот на себеспознавање. Значајно е да не ги делиме емоциите на позитивни и негативни, посакувани, недозволени, срамни, добри и лош.  Секоја емоција си има свој придонес во развојот на емоционалната интелигенција и во нашето функционирање и потребно е да се научи дека на сите треба да им се посвети подедакво внимание, сите се добредојдени и сите имаат своја функција. Сите емоции се важни и на сите е потребно да им се даде простор да се искусат, без да се создаде чувство на вина за одредени емоции.

Потребно е да работиме на препознавање на невербалните знакови на емоциите. Веќе од 6 месеци детето е способно да ги разликува основните емоции кај личноста која се грижи за него. Разбирањето на невербалното изразување на емоции е од огромно значење, особено за малите деца, бидејќи недостатокот на зборови е одговорен често пати избувливиот одговор на фрустрации. Кога станува збор за вербалната комуникација, малото дете нема се уште развиено јазични вештини за да се изрази како постарите деца.

Со когнитивниот развој се зголемува способноста за разбирање и изразување на емоциите. Но иако мозокот го достигнал нивото на развој во кој има способност да го прави тоа, не значи дека детето и развојно е спремно, бидејќи оваа способност зависи и од воспитувањето и како возрасните комуницираат со детето или меѓусебно. Така е со сите емоционални вештини и тука ќе ја потенцираме значајноста на семејството. Во оние семејства каде што е присутна слободата на изразувањето на емоциите и каде што детето ги гледа другите како ги изразуваат своите емоции, стекнува вокабулар и се потикнува во сопственото изразување на емоциите. Спротивно на ова, во случај кога детето е сведок на потиснување на емоциите, или има прикриена или дури некогаш и отворена забрана на изразувањето, детето ќе биде подржувано да ги потиснува емоциите. Луѓето можат да научат да ги изразуваат емоциите во било кој период од својот живот, но секако дека е најдобро децаат да имаат прилика да ги вежбаат овие вештини што порано.

Како да му помогнеме на детето да ги изразува своите емоции?

  • Речник на емоции – основен начин да се развива емоционалната писменост кај децатa секако е зголемување на емоционалниот вокабулар. Можете заеднички да изработите речник на емоции, притоа детето најпрво само ги избира зборовите, сите емоции кои му паѓаат на ум, на крајот може и вие да додадете зборови кои мислите дека би биле адкватно дополнување. На секоја страница може да има по еден збор, а потоа под зборото детето може да запише или да нацрта искуството кога ја осетило таа емоција. Може да се побараат и фотографии или слики од магазини и да се залепат во речникот.  Детето може да опише и ситуации во кои некој друг ја доживеал таа емоција.
  • За да се потикнат децата да се изразуваат усмено, може да се осмислат и едноставни драмски сценарија, па преку нив да се обработат емоциите, било со пантомима или со преземање на улога.
  • Читање на приказни и разговор поврзан со емоциите.

Можете сами да смислите приказна или да прочитате од книга и потоа заедно да разговарате. Важно е да го поттикнете детето да замислува, да може да создава претстава според кажана приказна. Исто така, значајно е да не носите заклучоци за тоа дали е добро или лошо да се биде исплашен, тажен или налутен. На пример доколку читате некоја приказна поврзана со стравот, откако ќе завршите со приказната можете да го започнете разговорот со следните прашања-  Дали некогаш детето се почувствувало исто? Кои ситуации/настани/случки го плашат? Како реагира кога е исплашено? Како му е кога чувствува страв? Што сака, а што не сака да прави во тие моменти? Што сака возрасните да направат во тие моменти? Дали познава некој друг што се плаши од нешто друго? При тоа имајте на ум дека нема точен и неточен одговор.

Автор: Ирена Жунгулова, психолог и психотерапевт

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости