Дали е време за развод?

Одлуката за останување во несреќен брак или заминување е можеби една од најтешките одлуки што може да ги донесе еден брачен пар, особено од улога на родители кои се загрижени и се прашуваат како разводот ќе влијае на нивното дете.

Поради општествениот притисок, притисокот од семејствата по потекло, финансиските предизвици кои доаѓаат со разводот, но и идејата на партнерите дека нивниот развод би имал поголема штета врз децата отколку останувањето во брак, одлуката за развод често се одложува и голем број партнери велат дека остануваат во брак поради нивните деца.

Голем број студии во еден период беа фокусирани на негативното влијание на разводот врз децата, но она за кое сè почесто гласно се зборува е негативното влијание врз децата кои се присутни на конфликтите и тензијата помеѓу нивните родители. Постојат и такви родители кои сметаат дека дисфункционалноста е нешто кое децата не го забележуваат, но напротив, децата знаат и тие ќе ги носат последиците раснејќи во средина која е тешка за нив. Често забележуваме родители кои не разговараат за тензијата која е присутна во домот, а децата добиваат порака дека тоа е забранета тема која не смеат да ја отворат колку и да ги измачува. Во овие ситуации, често сме сведоци на деца кои пројавуваат емоционални проблеми или проблеми во однесувањето (депресија, анксиозност, повлекување, агресија итн.). Од друга страна имаме родители кои бараат помош за сопственото дете во овие ситуации, меѓутоа избегнуваат да ја отворат темата „брак“ кое само го одложува симптомот кој го пројавува нивното дете.

Она што е важно е дека конфликтот помеѓу партнерите оди на штета и на релацијата родител-дете, па така родителот кој е напнат и несреќен има помалку енергија за родителството,или често е фокусиран да го напаѓа својот партнер пред детето, кое е измачувачки за детето кое постојано ги слуша нападите и навредите. Во екстремни случаи имаме дури и примери на ставање на детето на средина и давање инструкции како да продолжи да се однесува со другиот родител. Ова може да доаѓа од двете страни и ваквата состојба може да биде на огромна штета за детето.

Сето ова погоре, може да резултира и со послаби академски перформанси кај детето, но и послаби интерперсонални вештини, со оглед на тоа дека првото место каде децата учат како да се справуваат со несогласувањата е домот. Она кое исто така е многу значајно се врските кои детето ќе ги гради во иднина. Децата кои доаѓаат од семејства во кои конфликтите биле постојано присутни, може да имаат проблем при градење на нивните идни врски, со оглед на несигурноста која ја чувствуваат, имајќи предвид дека конфликтот го загрозува чувството на сигурност во семејството, кое му е потребно на детето за да гради здрави врски. И секако, децата кои раснат во насилна средина, се под постојан интензивен стрес кој може од најрана возраст да го попречи нивниот ментален и интелектуален развој.

Факт е дека несогласувањата се дел од сите семејства. Но, начинот на кој се решаваат, зависи дали тоа ќе биде извор на стрес за децата, или животни вештини од кои ќе учат. Она кое е важно, а дел од партнерите кои поминуваат низ криза во бракот или се во процес на развод, и го забораваат, е дека „битката“ со викање, лични напади, „тивок третман“ или друг вид на насилство, е исто така и насилство кое родителите го вршат на децата, кои како набљудувачи, мораат да гледаат како нивните најважни фигури се кршат пред нивните очи. Најчесто, без да се свесни за причината, понекогаш и самите деца се чувствуваат виновни за конфликтите и разводите на нивните родители. Значајно е да им се објасни на децата дека, без разлика дали нивните родители се наоѓаат во моментална криза или процес на развод, возрасните понекогаш се лутат еден со друг и дека тоа нема апсолутно никаква врска со децата. Важно е да им се пристапи внимателно, бидејќи и тие се дел од она што им се случува на родителите.

За децата, од клучно значење е да се минимизираат конфликтите кои се случуваат пред нивните очи. Но, она што веќе го виделе, да се разговара со нив, или со вклучување на психотерапевт. Важно е децата и да научат од конфликтите, и еден од најдобрите начини како да се случи тоа, е доколку ги видат нивните родители како го доаѓаат до мирни и разумни решенија, без разлика дали крајното решение ќе биде развод на бракот.

Чување на бракот по секоја цена, кој нуди средина и секојдневие кое е штетно за децата и нивниот развој, не само што не е начин за покажување почит кон бракот и децата, туку може да прерасне во состојба која ќе резултира со психичко насилство врз децата, кое брачните партнери, окупирани со својот проблем во бракот, нема да забележат дека го вршат како родители над сопствените деца.

Текстот изворно е објавен на порталот Мајка и дете.

М-р Давид Тасевски – психолог, семеен и системски советник
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости