Лутината и агресивното однесување кај децата

Кои зборови Ви доаѓаат кога ќе го спомнам зборчето лутина? Сигурно најчесто си помислувате на викање, конфликт, губење на контрола, повреда, интензитет. А кои зборови или слики ви доаѓаат кога ќе го споменам зборчето „налутено дете“, или пак „агресивно дете“. Ќе се согласиме дека сликата што ја креираме во тој момент не е најпријатната, дури може да почувствуваме одреден страв кој не турка да кажеме дека како родители не смееме да дозволиме тоа да се случи, и дека треба постојано да  наоѓаме начин како веднаш да се санира таквата реакција. Ќе се сложиме дека во нашата култура на лутината и на агресивното однесување најчесто се припишува негативно значење, и истите се земаат за сериозен сигнал на вклученост на родителите во воспитувањето на сопственото дете.

Детските психолози кои се занимаваат со прашањето на лутината, и со агресивното однесување кај децата, најчесто и емоцијата и однесувањето ги сметаат како нормални реакции кај детето преку кои тоа наоѓа начини да се спротивстави,  тогаш кога нешто значајно му се одзема или кога му попречуваме да го земе она што му е потребно, поточно кога му ставаме граница. Додека лутината најчесто е природен израз, агресивното однесување најчесто се полемизира во однос на  адекватноста и најчест критериум е штетата и/или повредата што детето ја нанесува на другиот. Емоционалното изразување исто така е и културолошки условено на начин на кој секој народ поинаку ги воспитува децата во однос на ова прашање. Од друга страна,изразувањето на емоциите, па и на лутината поминува низ различни развојни фази и процеси како што расте и се развива и детето, сè додека детето не научи како адекватно да ги изразува и користи во релација со другите.

Сепак, родителите треба да знаат дека понекогаш она што ја држи лутината кај нивните деца постојано активна, а агресијата постојано присутна се доживеаните,  но несподелените доживеани повреди на детето/младиот, преживеаните загуби, поттиснатите чувства на беспомошност, неадекватност, непризнаеност, неважност, обезвреднувањето кои имаат моќ да го заробат детето и младиот во циклусот на насилството и деструкцијата како и во циклусот на самодеструкција.

Исто така, лутината на децата многу често е поврзана и со прикривање на другите „недозволени“ емоции. Така децата за да не го покажат стравот пред другите, го маскираат во едно агресивно однесување, со цел да ја докажат сопствената моќ, посебно кога се несигурни и оставени сами на себе. Лутината исто така е дел од процесите на жалување, и посебно и долгорочно присутна кога децата се учат дека не е во ред да си тажен, т.е да плачеш, или дека не е во ред да си лут на оној што си го загубил, на животот и на светот…Лутината е дури понекогаш и реакција на постојан став на најблиската околина на игнорирање на болката и потврдата дека „се ќе биде Ок“, кога е очигледно дека нема да биде ниту во ред, ниту исто како претходно.

Улогата на Родителите во канализирање на лутината

Улогата на родителите во изразувањето на лутината и справувањето со агресивното однесување е изклучително значајна. Децата во живеењето со своите родители учат како да ги третираат сопствените емоции, пред сè како да реагираат на телесните реакции при појавувањето на емоциите, начинот на размислување за сопствените емоции,  начинот на изразување на емоциите и начини за адекватно справување со емоциите.  

Честопати изливите на лутина, родителите ги сметаат за недозволиви и несоодветни, а многу често и им се плашат да не ескалираат или да не станат дел од однесувањето на детето. Така, тие сакајќи да воспитаат „послушно“ и „добро“ дете понекогаш го гушат обидот кај детето за самостојност и го оспоруваат нивниот капацитет да ги решат сами проблемите. Доколку детето нема дозвола од родителот да ја изрази лутината, или бива игнорирано, тоа успева да ја пренасочи лутината кон себе, да ја поттисне и ја манифестира како себеповредување и психосоматски симптоми како на пр. болка и стегање во стомак, болка и стегање на главата, задржување на фецес, ноќни мокрења, ноќни мори, тикови, дткања, грицкање на нокти, себеповредување, кубење на коса, сечење. Ова дете почесто е мета на врсничко насилство, исмејување и повреда од страна на другите, има пониска самодоверба и многу слабо го користи сопствениот систем на заштита. Од друга страна, кога  родителот и самиот покажува неадекватно агресивно однесување го казнува детето или неговата најблиска околина, детето наоѓа начини да ја пренасочи лутината и агресијата кон други деца, врсници или животни кои ги перципира како послаби од себе.  Така најчесто се поттикнува насилно однесување, со кое детето постојано ги малтретира помалите и послабите, и се обидува преку однесувањето да ја потврди сопствената вредност, затоа што единствено на тој начин успева. Многу кратко после тоа, ова дете е етикетирано како насилник, и само продолжува да ја оддржува сликата за себе. Ваквата пренасочена агресија може да се случи и  рамки на самото семејство, со која детето го удира послабиот родител и се идентификува и го имитира помоќниот и поагресивниот родител.

Родител кој незнае да се справи и да ја изрази адекватно сопствената лутина, не е во можност да му даде соодветен пример и водство на детето како да ја изрази и да се се справи со лутината. Затоа би ве насочила, драги родители, да се свртите првенствено кон себе и да видите како вие како родители ја разбирате и изразувате лутината, од што е тригерирана вашата лутина, и како можете вие да си помогнете за да бидете подобар родител на вашето дете.

Понекогаш е потребно да побарате помош за да научите посоодветни вештини за справување со лутината на вашето дете. Еве еден дел од таа поддршка и помош.

Како родителите можат да ги адресираат лутината и агресивното однесување на сопствените деца:

  1. Потребно е да дозволите емоциите кај вашето дете да се пројават онака како што му е потребно на вашето дете. Секако вие треба да обезбедите безбедно изразување на емоциите. На одредена возраст, поради недостаток на вокабулар да се објасни доживувањето или ситуацијата, детето може да го црта сето она што сака да ви го каже. На тој начин понекогаш е полесно да се зборува за „тешките“ емоции во семејството.
  2. Значајно е да разговарате што е извор на лутина и кој е изворот на лутина на вашето дете, посебно кога ќе забележите дека агресивното однесување или лутината се неадекватни на ситуацијата која ги предизвикува. Можете да споделите и што вас знае да Ве налути, за да детето сфати дека се случива на сите, дури и на возрасните.
  3. Значајно е со вашето дете да утврдите како постојат различни интензитети на доживување на лутината. На пр. Претставете му скала, со три интензитета на лутина, и можете да направите листа во тек на неделата, кој настан каде би го сместиле. Можете листата и Вие да ја направите.
  4. Многу е значајно да разговарате за физиолошките знаци кои се појавуваат кога сме лути, како и да му овозможите преку вежби (дишење, фокус, активна свесност, заземјување) да стекне контрола и да го намали интензитетот на лутината.
  5. Потребно е да бидете пример и модел за своето дете. Многу од работите кои ги поттикнувате кај сопственото дете, потребно е и самите да ги користите. Многу од начините кои ги договарате, потребно е некој период да ги правите заедно со вашето дете.
  6. Многу е значајно на детето да му ја уважите и именувате лутината, но воедно да разговарате кои се можни начини адекватно да ја изрази или канализира лутината, да најдете начин со кои детето ќе се чувствува комотно (удирање бокс, удирање на перници, удирање на парче глина, кинење на лист хартија, шутирање на топка, интензивен танц, влечење на јаже, излегување на прошетка, итн). Можете да изберете нешто што би го пробале заедно и би истражувале која друга активност ви помага да ја смалите лутината и да го вратите мирот.

Автор: Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт во Психотерапика

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во